Што ќе се промени во Турција со вонредната состојба?
Најактуелното прашање кое ги копка сите во моментов, е што ќе се промени во Турција, откако синоќа претседателот Реџеп Ердоган најави 3-месечна вонредна состојба.
Таа влезе во сила на полноќ, но допрва треба да биде одобрена од турскиот парламент. Потоа Владата ќе почне да применува конкретни мерки. Во овие 3 месеци Ердоган ќе претседава на состаноците на кабинетот, каде што ќе се донесуваат нови закони или ќе се менуваат постоечките.
Предвидено е формирање на специјален трибунал, кој ќе ги тужи учесниците во бунтот и изградба на нов затвор, каде ќе ги отслужат добиените пресуди.
Можно е воведување на полициски час и засилено присуство на органите на редот, забрана на собири и протести, засилена контрола врз медиумите (дури затворањето на некои), чести претреси и конфискации на имот.
Сите форми на емитување и објавување на текстови, аудио и видео датотеки можат да бидат контролирани, ограничени или дури забранувани. Ова веројатно ќе важи и за социјалните мрежи.
Промените ќе влијаат и жандармеријата, која веќе нема да постои како самостојна единица, а ќе стане дел од полицијата.
Во синоќешното интервју Ердоган предупреди дека ќе има уште апсења и се закани „дека ќе ги исчисти сите вируси во вооружените сили“.
Патниот сообраќај може да биде забранет во одредени периоди или одредени зони. Некои зони можат да бидат забранети, опкружени или евакуирани. Државата може да ја преземе контролата врз сообраќајот по копно, воздух и вода.
И покрај критиките на многу земји, многу е веројатно и враќање на смртната казна. Ердоган ја искажа својата подготвеност да го направи тоа, ако добие вакво барање од парламентот. Потоа стана јасно дека Турција привремено ја прекинува активноста на Европската конвенција за човекови права на својата територија. Тоа практично ги одврзува рацете на властите за враќање на смртната казна.
