ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ АКАДЕМИЈАТА ЗА НАСТАВНИЦИ: Нови можности или злоупотреба за партиски чистки и селекција?
Идејата за основање на посебна јавна установа – Академија за наставници, која треба да работи на стручно усовршување на студентите произлезени од наставничките факултети прави паралелен образовен систем на постоечкиот, а наставниците влегуваат во една нерамноправна трка, каде по правило оние со долго педагошко искуство се деградираат, па дури може да им биде во прашање и работното место- вели за Фактор, пратеничката Солза Грчева. Таа досега имаше најопсежни и конструктивни образложенија на собраниските расправи токму по ова прашање кое вели дека е полно со нелогичности и спорни одредби кои ќе удрат по грбот на наставникот.
“Најпрво Академијата за наставници одзема од ингеренциите на Педагошките факултети, но и од сите наставнички факултети. Предвидено е лиценцирање на наставниците преку Академијата, не водејќи сметка дека, гореспоменатите факултети фактички “произведуваат“ лиценцирани наставници кои имаат право веднаш да се вклучат во наставниот процес. Понатаму, нашите Педагошки факултети имаат таканаречена педагошка доквалификација од 6 месеци или 30 ЕКТС, токму за доквалификација на наставници од ненаставни факултети. А пак на Педагошкиот факултет во Скопје има и Центар за перманентна едукација токму за модерни концепти во тие области. Значи оваа институција се појавува како паралелна во нашиот образовен систем”-вели проф. Грчева.
Наставници во нерамноправна положба
Академијата како што е замислена според неа ги става во нерамноправна положба наставниците кои се веќе вработени во однос на оние кои завршиле, не само наставните туку од било кој факултет. Дополнително вели е нејасно што е со наставниците -магистри и дали во случајов е поважна магистратурата која значи академска квалификација или завршената Академија која е некој вид на стручна доквалификација?! Новиот Закон како што вели не ја дефинира позицијата на оваа Академија во нашиот образовен простор, таа лебди во тој простор, а никој нема да смее да ја заобиколи.
“Во овој момент посетувањето на Академијата е доброволно, но повеќе од јасно е дека оние со лиценца ќе имаат и предност при вработување и материјална корист (зголемени плати за 3000 ден) и лесно може да се случи еден искусен наставник да биде заменет од сосема неискусен кој поседува ваква лиценца. Згора на ова, новите ќе добиваат стипендија во износ од една просечна плата, а толкава е и платата на вработените наставници кои ќе работат додека учат на Академијата, потоа првите имаат право на вработување, а ако за три години не бидат вработени ќе добиваат 80% од просечната плата, во непознат временски интервал. Од друга страна веќе вработените настаници не добиваат вакви привилегии, без потреба се принудени да посетуваат 6 месеци теоретска и практична настава за што веќе имаат и образование и практично искуство” –нагласува професорката Солза Грчева.
Сеиозни финансиски трошоци за наставниците
Расправата за овој закон досега случајно или намерно течеше како крајна точка на дневниот ред на комисиските расправи, а истото е предвидено и на пленарната седница, откако од првите точки на Дневниот ред заврши помеѓу последните. Ова според професорката е позната собраниска пракса кога се во прашање дискусии за сериозни образовни проблеми.
Новото законско решение предвидува и сериозни финансиски трошоци како за идните наставници, така и за наставниот и административниот кадар кој ќе биде вклучен во негово имплементирање. Затоа според професорката има многу причини кои фрлаат сомнеж врз овој модел, каде “едни се поеднакви од другите“. Клучното прашање според неа е: чуму Академија паралелно на нашиот образовен систем за наставници кој веќе предвидел се за нивниот кариерен развој?!
“Па замислете ја сумата на пари кои ќе се влеваат во Академијата со ваков широк опсег на посетители: вработени наставници, дипломирани од педагошките факултети, од сите наставни и сите други факултети. Тоа ќе биде веројатно најголемиот “факултет“ во Македонија. Сите ќе плаќаат за приемен испит, сите ќе плаќаат за лиценца која мораат да ја обновуваат на секои 5 години. Но, уште повеќе ќе се оптовари буџетот кој на непознат број лица ќе треба да исплаќа стипендии во висина на една просечна плата. Оние кои нема да успеат да ги вработат, ќе ги наградат со 80% плата, на неодредено време. Се зборува за годишни квоти за упис и тој момент уште повеќе ме плаши да не биде злоупотребен за партиски чистки и селекција. Како што кажав, предвидено е зголемување на платите на лиценцираните наставници за 3000 ден. Но, самиот прием според квоти кои ги дефинираат Владата и локалната управа, не даваат надеж дека секој кој сака и кога сака може да се запише во Академијата”-вели проф. Грчева.
Ќе заврши образовното инаетење
Таа очекува овој концепт да се ревидира во пакет со новиот Закон за високо образование бидејќи како што вели помина времето кога ностителите на некој процес нема да бидат прашани за можните решенија. Македонија додава, срамежливо но сигурно чекори кон граѓанско општество, во кое и како пратеник и како универзитетски професор ветува безусловна помош со своите дискусии и експертизи.
“Ќе видиме наскоро ретерирање во ова образовно инаетње со наметнување на штетни политики. Овој Закон за Академија за наставници веќе беше донесен еднаш, па се одложи неговата примена. Сега е последната измена и дополнување на Законот во процедура. Знаете, во ова предизборие трката по гласачи бргу ни носи нови закони во процедура, но уште побргу се оди чекор назад во “ублажување“ на постојните закони”-додава проф Грчева.
И овој закон според неа во неколку чекори треба да доживее измени, бидејќи како што вели концептот на оваа институција и било кое дотерување нема да биде во склад со еден конзистентен образовен систем.
С.Б.
Слично
