ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК ЌЕ ЧЕКА ПОДОБРИ ВРЕМИЊА - што ја натера власта да се премисли
Најавен како една од главните мерки во програмата на левичарската СДСМ пред изборите во 2016 година, прогресивниот, или како што Владата милуваше да го нарече, праведен данок, доживеа „рикверц“ по нецела една година од воведувањето.
Владата, како што изјави министерката за финансии Нина Ангеловска, прогресивното оданочување го замрзнува на три години, до почетокот на 2023 година.
Анализата на министерката покажала дека прогресивниот данок ја намалил нееднаквоста за само еден отсто, а за 50 проценти се изгубени приходи кои можеле да се соберат, поради избегнување, со тоа што даночните обврзници се префрлале во друг систем или ги префрлиле приходите од авторски дела и закупнини на други лица.
Што ја натера власта да се откаже од една од своите „водилки“ во нејзината левичарска идеологија? Навистина ли ефектите од прогресивниот данок беа толку лоши, или, пак, како што одредени кругови обвинуваат, таа попушти пред моќните бизнисмени кои постојано негодуваа за данокот. И конечно, има ли овој потег врска со претстојните вонредни парламентарни избори?
Бизнис секторот ја поздравува владината одлука. Сметаат дека е добро што Владата навреме си ја сфатила грешката.
Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи, за Фактор вели дека не се остварија целите што власта си ги зададе со ова оданочување.
„Мислам дека Владата увиде дека прогресивниот данок и беше грешка. Ова од причина што целите што си ги постави со воведувањето на ова оданочување, не се остварија. Владата мислеше дека со тоа ќе дојде до ублажување на разликите меѓу богатите и сиромашните, но очигледно е дека тоа не се оствари. А од друга страна, факт е дека одредени занимања, кои земаат плата над 1.000 или 1.500 евра, се почувствуваа загрозени. Тука влегуваат особено ИТ инжинерите, млади луѓе, кои често работат и прекувремено за да заработат повеќе, и кои очигледно не се најбогатите луѓе во земјава. Нив прогресивниот данок ги натера да размислуваат да ги прикриваат приходите или да регистрираат фирми во странство. Затоа сметам дека овој потег на Владата треба да се поздрави, бидејќи е добро кога ќе се признае дека некој згрешил“, објаснува Димитров.
Но, некои од економските аналитичари не се согласуваат дека требаше да се стопира прогресивниот данок.
„Почетокот на крајот на ВМРО-ДПМНЕ беше кога почна да имплементира социјал-демократски, леви, популистички политики, какви што беа земјоделските субвенции, бесплатни бањи за пензионерите, зголемување на социјалната помош и слично. Почетокот на крајот на оваа Влада на СДСМ, пак, ќе биде што почнува да воведува десничарски политики, со кои практично сака да им помогне на олигарсите, односно на економските елити, на грбот на работниците. Една таква мерка е и враќање на рамниот данок, а претходно и субвенционирањето на компаниите, со кои всушност повеќе права добиваат бизнисмените, на сметка на работниците. Еве, гледаме и дека нема соодветна реакција за лошото однесување кон работниците во текстилните фабрики. Тоа се всушност десничарски политики“, вели за Фактор Висар Адеми, економски аналитичар.
Зошто власта се реши да го врати рамниот данок, Адеми смета дека главната причина е што најбогатите три до четири отсто од компаниите во земјава имаат, како што вели, свој „грб“ во Владата, особено преку вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. А и министерката за финансии, Нина Ангелосвка, доаѓа од бизнис секторот.
А веднаш по владината објава за напуштање, барем во следните три години, на прогресивното оданочување, се огласија неговите најгласни застапувачи, екс-министерот за финансии Драган Тевдовски, но и неговиот советник Бранимир Јовановиќ, кои силно ја туркаа идејата за праведниот данок. Тие сметаат дека ова не е добар владин чекор.
„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук.
Јовановиќ, пак, вели дека со одлуката да го „одложи“ прогресивниот данок, Владата ќе им даде 30 до 40 милиони евра на најбогатите еден отсто во оваа држава.
„Немојте да тврдите дека се застапувате за сиромашните, работниците, земјоделците, студентите, обичните луѓе, народот. И немојте да ги барате нивните гласови на следните избори“, порача Јовановиќ.
Премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека Владата погрешила со воведувањето на прогресивниот данок, потенцирајќи дека таа грешка тој ја признава пред јавноста.
„Да, направивме исчекор, почнавме, еве на крај на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи оваа Влада да го практикува“, рече премиерот.
Екс министерот за финансии Трајко Славески, побара државата да не ги враќа парите на граѓаните со проектот Мој ДДВ, туку тие пари да ги искористи за обештетување на бизнисмените кои платиле повисок прогресивен данок.
„За да нема негативни ефекти во буџетот, предлагаме веднаш да се укине мерката Мој ДДВ, со која и така пари се враќаат кај побогатите граѓани, оние кои што имаат повеќе да трошат. Затоа што со непромисленото зголемување на даноците најмалку се удри по богатите граѓани како што сега се гледа, како што беше прокламирано, туку цехот го платија посиромашните граѓани“, рече Славевски, член на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, кој е всушност претставник на бизнис секторот во Владата, а воедно и сопственик на удели во компании, изјави дека не влијаел врз Премиерот Зоран Заев да се замрзне прогресивниот данок.
„Немав никакво влијание на враќањето на рамниот данок. За тоа беше направена анализа дали се оправдани ефектите од прогресивниот данок. Истата ја видов на владината седница на која беше презентирана и беше одлучено да биде прифатена“, рече Анѓушев.
За да се стопира прогресивниот данок, ќе треба набргу да се предложт измени на Законот за данок на личен доход, со кој беше воведена втората даночна стапка од 18 отсто, и нив народните избраници да ги изгласаат до крајот на годинава.
Нина Нинеска-Фиданоска
