ШТО ЈА „НАГРИЗА“ ДОБИВКАТА НА „ПЕКАБЕСКО“ - трошоците за струја зголемени за 200 отсто, удел имала и афиканската чума
Скапите енергенси почнаа да ги нагризуваат профитите на македонските производствени компании. Веќе беше и прашање на време кога ќе се појават првите официјални бројки кои ова ќе го потврдат, а тоа сега и се случуива со објавите за кварталните финансиски извештаи на фирмите, кои покажуваат како тие работеле во периодот од првите девет месеци од годинава.
Една од долгогодишните компании од прехранбениот сектор во делот на месната индустрија, „Пекабеско“, преку Берзата објави дека во првите три квартали од годинава остварила добивка, но таа е за шест отсто помала од истиот период лани. Причина за тоа, како што велат од ова акционерско друштво во своето образложение за финансиските резултати, се енормно зголемените трошоци за енергија, и тоа за дури 203 проценти во однос на лани, потоа поскапите суровини и репроматеријали, но во снижената добивка удел имала и африкансската чума.
Што говори Билансот на успех на компанијата?
Во периодот од јануари заклучно со септември годинава компанијата остварила добивка од 74 милиони денари или 1,20 милиони евра, наспроти 1,28 милиони евра во истиот период лани, што е намалување за шест отсто.
„Пекабеско АД за периодот јануари-септември 2022 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 74 милиони денари и е понизок за 6 отсто од 2021 година. Главните причини за послабиот резултат се порастот на трошоците за енергија за 203 отсто во однос на минатата година, како и раст на сите влезни цени за набавка на суровини и репроматеријали, но и појавата на африканската чума и неможноста да извезуваме на некои наши пазари“, се вели во образложението на „Пекабеско“ на остварениот финансиски резултат.
Она што е факт и што може да се види од Билансот на успех на компанијата е дека таа успешно работела, бидејќи се зголемени нејзините приходи, и тоа за 13 отсто во однос на лани. Односно, таа имала приходи од 4,01 милијарди денари или 65 милиони евра.
„Остварените вкупни приходи од работењето во споредба со остварените во истиот период во 2021 година бележат зголемување од 13 отсто. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество од 98,9 отсто имаат приходите остварени со продажба на готови производи, стоки и услуги кои во споредба со остварените во 2021 година бележат зголемување од 13 проценти“, објаснуваат од овој производител на месни преработки.
Всушност, најголем дел од приходите „Пекабеско“ ги остварил од продажба на домашниот пазар и тоа 55,8 милиони евра, додека помал дел од приходите се остварени од продажба на странскиот пазар.
Кога станува збор за расходите, пак, тие во првите девет месеци од годинава изнесувале 64 милиони евра, што е раст за 15 отсто.
Токму во делот на расходите најголем пораст имале оние од ставката останати трошоци од работењето, каде што всушност влегуваат трошоците за енергија, и кај нив се гледа дека ако тие во првите девет месеци лани биле на ниво од 273 илјади евра, сега се искачиле на 624 илјади евра во истиот период од годинава, или тука порастот е за 128 проценти. Ова значи дека морало да се штеди на други трошоци, со оглед што енергенсите на компанијата и поскапеле за 203 проценти.
Во делот на ставката расходи најголеми се набавната вредност на трговските стоки, каде има раст за 15 отсто, и тие изнесуваат 41,8 милиони евра, како и трошоците за суровини и други материјали, каде зголемувањето е за 17 отсто, и тие изнесуваат близу 14 милиони евра.
Трошоците за вработените на компанијата пораснале за 11 проценти, покажува Билансот на успех, од каде велат дека во овој период имале 10 нови вработувања.
„Просечниот број на вработени во Пекабеско за периодот јануари-септември 2022 изнесуваше 462 вработени, повеќе за 10 од минатата година“, потенцираат од компанијата.
Вкупните инвестиции во основни средства во овие девет месеци изнесуваат 63 милиони денари или нешто над еден милион евра, а во истиот период минатата година изнесувале 26 милиони денари. Инвестициите се главно во купено земјиште, производствена и транспортна опрема.
Вкупната задолженост на компанијата на крајот на септември била на ниво од 238 милиони денари, или 3,9 милиони евра, и во споредба со состојбата од минатата година бележи намалување од 14 отсто.
Инаку, „Пекабеско“, како што велат, во периодот од првите девет месеци од годинава, немаат исплатено дивиденда.
Кога станува збор за очекувањата за престојниот период, од компанијата велат дека ликвидноста им е задоволителна, а до крајот на годинава добивката или ќе биде еднаква како лани, или најмногу за 10 отсто пониска.
„Нема репрограмирање на обврските како спрема финансиските институции ниту спрема добавувачите во земјата и странство. Залихите со репроматеријали се поставени на соодветно ниво согласно економската ситуација во земјата и странство. Очекувањата до крајот на годината се дека планираниот приход и добивката ќе бидат остварени во интервалот од 90 до 100 отсто“, стои во образложението на финансискиот извештај на компанијата.
Н.Н.Ф.
