Економија, финансии, бизнис

Контакт

ШТО ЈА КРЕНА ЦЕНАТА НА АКЦИЈАТА НА „СКОПСКИ ПАЗАР“ - во мај има зголемување за 32 проценти

ШТО ЈА КРЕНА ЦЕНАТА НА АКЦИЈАТА НА „СКОПСКИ ПАЗАР“ - во мај има зголемување за 32 проценти

Цената на акцијата на „Скопски пазар“ пораснала најмногу од сите други акции во мај, за дури 32 отсто, говори месечниот извештај на Берзата. Или, од 5.300 денари за акција колку што се продавале на почетокот на месецот, на крајот на мај акциите на „Скопски пазар“ достигнале 7.000 денари, што е пораст за 32,08 проценти. Со тоа акцијата на „Скопски пазар“ избива прва од редот на акциите со највисок пораст за мај оваа година, покажува извештајот на Берзата.

Според податоците од финансиските извештаи на компанијата, „Скопски пазар“ во 2021 година бележи намалување на приходите и добивката во однос на 2020 година, која, пак, била многу подобра од 2019 година. Во првиот квартал од годинава се забележува намалување на добивката во однос на истиот период лани.

На крајот на мај Собранието на акционери на „Скопски пазар“ донесе одлука добивката од 66,6 милиони денари остварена лани, целата да ја задржи за инвестициски вложувања.

Втора по раст, кој е многу помал, е акцијата на „Пекабеско“ Скопје, која од 15.000 денари, на крајот на мај достигнала вредност од 15.930 денари, што покажува зголемување на цената за 6,09 проценти.

На третата позиција на „лидерската“ листа е акцијата на „Адинг“ од Скопје, со пораст од 5,92 проценти, што е зголемување всушност од 760 на 805 денари за акција. И, на четвртото место според порастот е акцијата на комуникациската компанија „Македонски телеком“ Скопје, со пораст од 4,17 проценти, или од 360 на 375 денари за акција.

Додека, пак, најголемо опаѓање во мај забележле акциите на „Цементарница Усје“, ОКТА, Стопанска банка Скопје, Стопанска банка Битола, како и винарницата „Тиквеш“ Кавадарци.

Кај акцијата на „Цементарница Усје“ цената се намлила од 41.050 денари, на 31.100 денари, или минусот е за 12,06 отсто. Кај скопската рафинерија, пак, намалувањето е за 10,41 процент, или од 3.700, на 3.315 денари.

Инаку, најтргувана акција на Берзата во мај била онаа на Комерцијална банка, со која бил остварен промет од 2,9 милиони евра.

Следува акцијата на фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, чија акција направила вкупен промет во мај од 2,48 милиони евра.

А, на третата позиција најтргувани акции е онаа на градежната компанија „Гранит“, со промет од 837 илјади евра. Следуваат акциите на НЛБ Банка, Макпетрол, Стопанска банка Скопје, Македонија Турист, Реплек, Пекабеско и Македонски телеком.

Инаку, мај не е сосема позитивен месец за пазарот на капитал, барем според она што го покажуваат клучните показатели.

Берзанскиот промет опаднал за 40,11 проценти, бројот на трансакции се намалил за 8,96 отсто, а се намалил и главниот берзански индекс МБИ10, за 3,31 отсто. Намалување за 3,3 проценти има и кај пазарната капитализација на акциите што котираат на берзата.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести