Што изгубивме, а што добивме од распадот на Југославија?
Веројатно изгледа патетично да се избере веќе подзаборавениот празник, 29-ти ноември, па да се направи компарација помеѓу состојбите „тогаш и сега“. Со целиот ризик да биде обвинет за „југоносталгија“, сепак, авторот на овие редови ќе се обиде да направи кратка анализа на економските случувања пред и по осамостојувањето. Или, поточно кажано, што изгубивме, а што добивме на економски план со промените кои се случија пред повеќе од 20 години.
По осамостојувањето во 1991 година, Република Македонија се соочи со сериозни промени на политички, економски и социјален план. Промените кои настанаа во економската сфера беа многубројни, но како најзначајни ќе ги наведеме следниве: губење на некогашниот југословенски пазар со 23 милиони жители, напуштање на принципот на договорна економија и воведување на пазарната економија, како и отпочнување на процесот на приватизација Распадот на поранешна Југославија доведе и до исчезнување на некогашниот заеднички пазар. Тоа ги најде затечени големите стопански капацитети кои најголем дел од својот асортиман го насочуваа на југословенскиот пазар. Претпријатијата се најдоа во ситуација да бараат нови пазари за пласман на своите производи и услуги, бидејќи македонскиот пазар со два милиони жители не можеше да го апсорбира нивниот производствен или трговски потенцијал. Затоа, тие беа принудени да бараат нови пазари во странство каде што мораа да се соочат со нормите и стандардите што важат на меѓународниот пазар.
Осамостојувањето на Република Македонија доведе и до напуштање на принципот на договорна економија и воведувањето на пазарната економија. Пазарната економија значеше дека веќе не можат да се набавуваат суровини од однапред познати добавувачи и по однапред познати услови, ниту пак производите и услугите ќе се продаваат на познати купувачи. Претпријатијата мораа да се изложат на огромни комерцијални, а во некои случаи и политички ризици и да се борат се за секој дел од пазарот и за секоја заработена пара со цел да остварат профит или да го зголемат истиот.
Во почетокот на деведесеттите години на минатиот век започна и процесот на приватизација. За жал, овој процес беше проследен со низа контраверзи што во значителна мера значеше напуштање на деловниот морал, деловните принципи и добрите деловни обичаи. Некогашните големи индустриски капацитети кои произведуваа производи со надалеку познат квалитет беа распарчени. Новоформираните фирми мораа допрва да стекнуваат углед и реноме со цел да ги одржат деловните врски со своите партнери, а истовремено да бараат и нови деловни контакти на меѓународниот пазар.
Сето тоа доведе до една голема стагнација во развојот на македонското стопанство. Увозот значително го надмина извозот, а тоа доведе до голем трговски дефицит и дефицит во билансот на плаќање. На пазарот доминираат трговски претпријатија или претставништва на странски фирми чија задача е да увезат стоки и услуги во земјава од ренимирани светски фирми. Уште полошо е тоа што доста често се увезуваат стоки и услуги со сомнителен квалитет од фирми за кои граѓаните едвај чуле. Бројот на успешни производствени капацитети кои своите производи ги пласираат на странскиот пазар е сведен на минимум. Овие производствени капацитети без помош од државата тешко можат да бидат конкурентни на квалитетот и условите на продажба што ги нудат големите светски компании на меѓународниот пазар.
Еден од крупните проблеми што се појави во Република Македонија по нејзиното осамостојување е сивата економија. Сивата економија како збир на економски активности кои се вршат во спротивност со позитивните законски прописи има за цел да се изврши избегнување на плаќањето на даноците и заобиколување на правните прописи поврзани со правата на вработените. Во Македонија сивата економија изнесува од 33 до 37 % од бруто општествениот производ, иако се проценува дека реалната бројка е поголема. Постојат голем број на причини кои влијаат врз така големиот обем на сивата економија. Меѓу најбитните причини, можеме да ги истакнеме следните: економски проблеми поврзани со економскиот раст, процесот на транзиција и имплементација на пазарната економија, процесот на приватизација, порастот на невработеноста, спроведувањето на реформите, недоволно ефикасните законски прописи, желбата за поголем профит и избегнување на даночните обврски и сл.
Правната несигурност е исто така една од иманентните карактеристики на современите услови на стопанисување. Неефикасното судство претставува рак рана со која се соочуваат деловните субјекти. Законските прописи се менуваат многу често, добар дел од нив се во меѓусебна колизија, а судските спорови се одолговлекуваат и по неколку години. Институциите кои се задолжени за спроведување на законските одредби или за контрола врз истите во добар дел се некоординирани меѓу себе. Во таква ситуација договорните обврски не се почитуваат, се бараат "дупки" во законот итн. Тоа доведува до голема недоверба меѓу стопанските субјекти и избегнување на деловниот морал и добрите деловни обичаи.
......
Заклучокот дали економската ситуација била подобра во периодот кога го славевме 29-ти ноември или сега, ќе им го оставам на почитуваните читатели.
д-р Гоце Трајковски
Слично
