Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што и одговори Бугарија на ЕУ за Јужен тек?

Што и одговори Бугарија на ЕУ за Јужен тек?

Гасоводот Јужен тек не треба да биде заложник на актуелните и идните односи меѓу Русија и Украина, изјави бугарскиот министер за енергетика и економија Драгомир Стојнев, во одговор на барањето од Брисел да се стопираат активностите за изградба на важниот енергетски проект.

„Ние мора да имаме гарантирана испорака на природен гас. Тој проект не е бугарски, туку европски. Постојано водиме дијалог со Европската комисија и на 13-ти јуни нејзините претставници ќе дојдат во Бугарија за да се решат сите актуелни противречности“, нагласи Стојнев, изразувајќи надеж дека во дијалог со Комисијата ќе се најде праведно решение.

„Имаме право да одговориме на сите поставени прашања и тоа ќе го направиме“, рече бугарскиот министер, додавајќи дека му пречат изјавите дека гасоводот може да биде пречка во преговорите меѓу Русија и Украина. Тој истакнува дека државите-членки на Европската унија не треба да бидат заложници на тој судир.

Европската комисија побара од Бугарија да ја прекине реализацијата на проектот Јужен тек додека не се решат прашањата околу неговата усогласеност со Третиот енергетски пакет на ЕУ. Истовремено, Комисијата изрази сомненија дека Бугарија им дава привилегии на руските учесници на тендерите за изградба на Јужен тек, па и ова го посочи како основа за барањата да прекине реализацијата на проектот.

„Се работи за ситуација со тендерот за изградба на бугарскиот дел од гасоводот. Бугарија не го објави тендерот во Официјалниот журнал на Европската унија и ние сметаме дека овој тендер е спроведен така што им се дадени привилегии на руските и бугарските учесници. Ги замоливме бугарските власти да ја прекинат реализацијата на проектот, додека не се испочитува процедурата“, вели претставникот на Европската комисија Антоан Коломбани. Министерството за економија и енергетика на Бугарија на ваквите наводи одговори со официјално соопштение во кое се нагласува дека „процесот на избор на изведувачите за проектирање, испорака на материјали, изградба, обука на работниците и пуштање во употреба на бугарскиот дел од гасоводот Јужен тек, бил извршен во согласност со законските процедури во бугарското и европското законодавство“.

ДАЛИ ЌЕ СОПРЕ ЈУЖЕН ТЕК?

Слично

Поврзани вести