Што ги интересираше пратениците на првата сесија пратенички прашања во овој состав?
Пратениците од новиот собраниски состав за првпат имаа можност да им поставуваат пратенички прашања на премиерот и министрите. Премиерот Никола Груевски присуствуваше на седницата, но, невообичаено, реши да не одговори на ниту едно прашање.
На прашањето на пратеникот од ДУИ Артан Груби за текот на политичкиот дијалог и дејствување на СДСМ надвор од Собранието одлучи да одговори писмено, а на прашањето на Љубица Буралиева, една од ретките пратенички од опозицијата, за тоа колку граѓани живеат во Македонија, место него одговори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Бројот на македонски државјани, значи на оние кои живеат во РМ и во дијаспората, е нешто повеќе од 2 милиони 440 илјади“, рече таа.
Пратеничката Роза Топузова-Каревска ја запраша Владата дали располага со податоци за тоа колку граѓани ја напуштаат Македонија. На ова одговори вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој појасни дека податоците презентирани од Светска банка дека 440.000 Македонци се иселиле се однесува на период од 50 години.
Сепак, нагласи дека основна причина зошто некој би сакал да ја напушти земјата е веројатно можноста или неможноста да најде тука перспектива, односно да најде работно место.
„Кумулативно за изминатиот период само во последниве години објавивме дека се креирани 124.000 работни места. Тоа значи дека на 124.000 луѓе коишто потенцијално можеле да ја напуштат земјата заради немање перспектива или работно место сепак сме им помогнале да најдат тука егзистенција, да обезбедат за себе средства за живот и за семејството и да останат во земјава. Ете така треба да се бориме и да зборуваме за тоа што треба да се направи и што се прави за вработеноста и за перспективите на младите луѓе“, вели Ставрески, според кого политиките за намалување на исселувањето даваат резултати.
Освен трите „одметнати“ пратенички, собраниската опозиција ја претставува и ДПА, но нејзините пратеници наместо прашања упатуваа критики за министрите од ДУИ на седницата.
Најголем број прашања упатија пратениците од владејачкото мнозинство, пред се за локални теми, владини проекти и активности. Во тие рамки, Ставрески најави дека наредната недела 35 илјади членови на избирачките комисии и одбори, ќе ги земат дневниците за изборните активности.
Според Деловникот, сесијата за пратенички прашања се одржува секој последен четврток во месецот, со исклучок на првите 100 дена од работата на новиот владин состав.
Слично
