ШТО Е ПОИСПЛАТЛИВО ЗА СТАН ВО ОХРИД: Да се издава за подолг период или од ноќ?
Охриѓани велат дека е поисплатливо становите да се издаваат од ноќ на туристи отколку за подолг период да се сместат кираџии. Дополнителна предност е ако станот е на добра локација во градот. Оние кои издаваат станови велат дека сместувањето странци кои остануваат по неколку дена, бара повеќе ангажман во однос на средување на просторот, одржување на хигиената и слично.
„Поисплатливо е станот од вечер да се издава на туристи, но тоа е поврзано со рејтингот на booking и airbnb. Кирија за еден стан е 300 или 350 евра во просек, а од вечер цената во центар стигна и до 60 евра. Во шпицот на сезоната има цени и до 70 евра од ноќ. Ако станот е убав со добра локација, секако дека повеќе се исплати да го издаваат на странци. Рентање од ноќ е професија, а рентање на месец е пасивен приход. Мора да има интернет, мора да се одржува хигиената, пристапот е различен“, вели Александар Трајкоски од агенцијата за недвижности Енхелеја од Охрид.
Но, дел од сопствениците на станови во Охрид живеат во други градови и според своите потреби и можности го издаваат просторот. Некои практикуваат само повремено да го издаваат станот, а во остатокот од годината си престојуваат во Охрид.
„Повеќе се исплати на странци да се издава, а јас го издавам станот на подолг период. Сигурно дека стан на добра локација би носел добар приход ако се издава на странци“, додава Ангелина Д. која издава стан.
Друга сопственичка на стан објаснува дека годишно може да се заработат 3.000 евра од издавање, со напомена дека во зима оди многу потешко.
„Ако размислуваме што е финансиски поисплатливо, веројатно пресметката е тука некаде или да се издава станот на странци можеби носи повеќе пари, но сепак според мене не е голема разликата. Многу луѓе бараат стан под кирија на подолг период, а не можат да најдат. Таков впечаток имам. Со туристи има секојдневни обврски, мора да се исчисти по нивно заминување, мора да викам чистачка на неколку дена, а ако имам редовни кираџии ќе немам такви обврски, но јас не сакам во мојот стан да не влезам со месеци, мене тоа не ми одговара. Поновите станови мислам дека газдите не ги издаваат за цела година. И од локацијата зависи колку ќе заработат, но сепак во зима оди тешко и според мене прашање е дали оној кој издава стан ќе заработи 1.000 евра во тој период“, додава охриѓанка.
Ако ги погледнеме коментарите на странците оставени на booking, тие имаат забелешки за паркингот, за интернет врската, за опременоста на просторот, за хигиената.
„Не би го издала станот месечно, затоа што јас често сум таму. Јас го издавам станот повремено за да ги покријам трошоците за сметки, а за другите што издаваат постојано е друга приказна“, вели жена која поседува стан во Пештани.
Во Охрид се издаваат од гарсониери, па до станови со површина од 100 квадрати. За дел од становите во огласите е наведено дека ги издаваат за подолг период.
Сања Атанасовска