Економија, финансии, бизнис

Контакт

Што е главната состојка за „изградената“ добивка на Адинг?

Што е главната состојка за „изградената“ добивка на Адинг?

Компанијата за градежни материјали Адинг и во полугодие во кое бележи пад на вкупните оперативни приходи успева да прикаже зголемена добивка заклучно со 30 јуни 2017 година, па главното прашање што е нивната главна „состојка“.

Адинг АД Скопје првото полугодие од годинава го заврши со 2,8 милиони евра приходи од продажбата но, тоа е за околу 5% пад ако се спореди со истиот период во 2016 година. Додека на домашниот пазар Адинг бележи раст на приходите, „проблематична“ е продажбата во странство која носи за околу 20% пад на приходите од продажба и за 6 месеци од годинава изнесува само 700 илјади евра.

Во овој период во консолидираниот финансиски извештај на Адинг забележливо е дека помалата „оператива“ значи и намалување на вкупните расходи од 2,7 милиони евра. Најголем пад кај расходите Адинг има за ставката набавна вредност на трговски стоки од 620 илјади евра лани на 357 илјади евра во првото полугодие од годинава. 

Адинг во овој период вложиле и 237 илјади евра во подружници што асоцира дека компанијата планира проширување на својот бизнис, но драстично го намалиле вложувањето во акции во ова полугодие на само 9000 евра во споредба со над 160 илјади евра кои лани за првите шест месеци биле вложени во хартии од вредност.

Трошоците за вработените на Адинг изнесуваат нешто над 580 илјади евра и се во приближно ист износ со десетина илјади евра помалку од лани. 

Заштедата од 276 илјади евра кај расходите во однос на првото полугодие од 2016 во овој период се рефлектира позитивно на крајната оперативна добивка за Адинг која изнесува околу 140 илјади евра и е за речиси 5% подобар профитен резултат во споредба со ланските први шест месеци од годината. 

Автор: Христијан Станоевиќ


Слично

Поврзани вести