Што достави Жерновски во СЈО за проектот „СКОПЈЕ 2014“?
„Ревизорските извештаи конечно се во правилни раце и очекувам правдата да биде задоволена“, изјави денеска градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски по исказот што во вторник го даде во Специјалното јавно обвинителство во врска со проектот „Скопје 2014“.
Тој ги доставил двата ревизорски извештаи, кои се изработени на барање на општината во врска со контроверзниот проект „Скопје 2014“ до СЈО.
Жерновски не сакаше да сподели повеќе детали од исказот во ова обвинителство затоа што се работи за предистражна постапка која е тајна.
„Во СЈО ги предадов двата ревизорски извештаи, од кои едниот е изготвен во август 2013 година. Овие материјали уште тогаш беа предадени во јавното обвинителство, но еве веќе три години тие се ставени во фиока и обвинителството ги игнорира. Инаку во овие материјали е точно наведено за кави незаконски постапки станува збор околу проектот „Скопје 2014“. Проектот првично беше најавено дека ќе чини 80 милиони евра, но тој сега чини осум пати повеќе, односно 640 милиони евра“, изјави Жерновски. Градоначалникот на општина Центар рече дека Македонија не може да излезе од кризата доколку оние што ги сториле криминалите не одговараат за нив. Наводно, Жерновски требаше да биде испрашуван за четири споменици од „Скопје 2014“, и тоа за „Воин на коњ“, фонтаната со коњаникот во центарот на плоштадот „Македонија“, за споменикот на Цар Самоил, исто поставен на плоштад, за споменикот на Методија Андонов - Ченто и за комплексот „Воин“’ од другата страна на Камениот мост.
Слично
