Што донесе „Кумановскиот одговор“ на СДСМ?
Отворен е патот кон целосна политичка неизвесност со економски реперкусии. По повеќе неделни обиди да се стави крај на политичката криза во земјата која почна црниот понеделник на 24 декември, од денес веќе е сосема јасно дека нема враќање назад. Ниту за СДСМ ниту за ВМРО ДПМНЕ. И покрај обидите на опозицијата во последен момент да издејствуваат некакво решение за нивно учество на локалните избори, до такво нешто не дојде, откако предлогот на Заев, синоќа беше, „на прва“ одбиен од ВМРО ДПМНЕ, иако навидум стануваше збор за предлог кој беше вреден за компромис. Но, желба за компромис во поделеното македонско општество, очигледно нема, па денеска опозиционерите возвратија со таканаречениот „Кумановски одговор“. Еве што донесе тој:
Партиите од Сојузот за иднината се согласија дека
1. Во наредниот период како и после 24. март, напорите за враќање на земјата на вистинскиот демократски европски колосек треба да станат врвен приоритет за секој граѓанин на РМ
2. На 24. март 2013 сите граѓани ќе бидат исправени пред досега најважниот личен демократски предизвик со својот избор да не учествуваат на вакви локални избори, всушност да дадат конкретен влог и да донесат директна одлука за себе и за иднината
3. Одржувањето на избори на кои учествува само актулената власт и лажните опозиционери се нелегитимни
4. Актуелните опозициски пратеници и кандидатите од листите за парламентарните избори одржани во 2011. година ќе ги вратат своите мандати на денот на одржување на локалните избори
5. Локалните избори на кои едонстрано ќе бидат прогласени градоначалници и совети без легитимитет задолжително ќе бидат предмет на ревизија со која ќе се преземат соодветни политички и законски механизми за нивно поништување и повторно одржување по промената на актуелната власт на превдремени парламентрани избори.
Економскиот моментум
Помирувањето на овие две политички опции веќе не е можно, или барем во овој момент така изгледа. Тоа ќе значи дека и изборниот ден, а особено деновите и месеците потоа ќе носат нова политичка неизвесност, во која опозицијата ќе се обидува на улица да ја докаже нелегитимноста на апсолутната власт која ќе биде во рацете на ВМРО ДПМНЕ, а власта, медиумски и на друг начин ќе се обиде да го угуши моментумот на протест на опозиционерите. Во ваква ситуација, земјата, целиот фокус и енергија ќе биде насочена кон решавање на политичката криза, а дополнително ќе трпат економските проблеми.
Заборавивме ли дека Македонија е земја која има меѓу највисоките стапки на невработеност и сиромаштија во Европа? Дали некој во такви услови ќе се загрижи што нивото на странски инвестиции во 2012 е најмало во последната декада? Ќе се сети ли Владата да ги повика домашните инвеститори да се фатат за работа? Кој ќе мисли на земјоделските субвенции, а кој на социјалните помошти? Има ли начин да се реформира Јавната администрација? Како да се намали дупката во пензискиот фонд? Како да се зголеми извозот, а да се намали увозот на стоки?
Ова се прашањата на кои македонските граѓани и натаму ќе бараат одговор.
Слично
