Штипскиот универзитет го игнорира решението на Државниот просветен инспекторат!
Универзитетот „Гоце Делчев“ не постапил по решението од Државниот просветен инспекторат, смета правниот застапник на тројцата професори кои 18 дена штрајкуват со глад. Нема потреба целата постапка да се врати од почеток и да се укинат или реобјават рецензентските извештаи, туку да се врати во фаза на одлучување пред наставно научниот совет, вели адвокатот Дејви Давидовски, од адвокатската канцеларија „Трпеноски“.
"Според диспозитивот на одлуката на Државниот просветен инспекторат не станува збор за повторување на целата постапка или нејзини делови туку постапката да се врати пред одлуката со која не се избрани во повисоки звања односно постапката се враќа пред Наставно-научниот совет на Економскиот факултет на повторно разгледување и одлучување“, вели адвокатот Давидовски.
Тој додава дека решението донесено од законскиот застапник на штипскиот Универзитет не значи дека УГД постапил по одлуката на Државниот просветен инспекторат.
"Во тоа решение, кое ние го добивме, е укинат рефератот, односно рецензентскиот извештај и истиот е повторно објавен во Универзитетскиот билтетн. Но, вака донесеното решение од страна на законскиот застапник на Универзитетот не значи постапување по налогот на државниот просветен инспекторат.
Бидејќи таму нема упатства да се укинува рецензентскиот извештај, туку да се врати во фаза на донесување на одлука. Значи со ова решение не се отстранети неправилностите кои ги констатирал Инспекторатот", вели Давидовски.
Професорите се уште не ги добиле одлуките со кои тие не се избираат во повиски наставно-научни звања. Тоа на последната прес конференција го потврди и ректорот на штипскиот универзитет Саша Митрев. Поради тоа не можат да покренат никава легална процедура, а на 2-ри Август истекува и рокот од шест месеци предвиден за избор во повисоко звање, по што автоматски и покрај констатираните неправилности од Државниот просветен инспекторат постапката почнува од почеток.
"Ние се одлучивме да штрајкуваме со глад затоа што не ни беше дозволено да ги користиме правните инструменти. Нам не ни беше дадена одлуката која може да ја обжалиме. Ни беше кажано дека ќе ја добиеме на 7-ми Август, а рокот со кој истекува нашиот конкурс е 2-ри Август.
Значи се работи за правна замкка, со која ние остануваме надвор од системот на универзитетот. Токму поради обидот да не исфрлат на таков начин се одлучивме да ја примениме најрадикалната демократска мерка, односно штрајкот со глад“, вели Крсте Шајноски.
Минатата недела ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ ги повика тројцата професори да прекинат со штрајкот со глад и правата да си ги бараат во рамките на институциите на универзитетот. Последниве денови сличен повик до професорите упатија и неколку декани.
Зад барањата на професорите застана Синдикатот за образование и наука. Во знак на подршка на 1-ви Август организираат протест пред Министерството за образование и наука, а ако решение не се најде на 1-ви септември ќе бидат затворени и сите основни и средни училишта.
извор: Новатв.мк
Слично
