Економија, финансии, бизнис

Контакт

ШТИП ДОБИВА ФАБРИКА ОД АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА, со новата инвестиција „Магна“ ќе таргетира 600 работници

ШТИП ДОБИВА ФАБРИКА ОД АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА, со новата инвестиција „Магна“ ќе таргетира 600 работници

Канадска компанија „Магна интернационал“ која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот отвара фабрика во Македонија. 

Ова го најави премиерот Димитар Ковачевски кој потенцираше дека ова е првата голема странска инвестиција која ќе се отвори во Технолошки-индустриската развојна зона во Штип.

- Компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија. Во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година - посочи премиерот и истакна дека со политиките што ги креира Владата, се создава подрачје безбедно за инвестирање и услови за нови и добро платени работни места.

Ковачевски потенцираше дека Македонија може да напредува и да се развива, а таква можност препознаваат многу странски етаблирани компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат во државата.

- Технолошки-индустриските развојни зони, 2022 година ја завршија со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани се надмина и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година - истакна премиерот.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ истакна дека 2022 е најуспешната година кога е во прашање работењето на зоните, и дополни дека ја започнуваат годинава со нова странска инвестиција.

- Магна мехатроникс станува дел од семејството на ТИРЗ. Годинава ја започнуваме со нова инвестиција од 40 милиони евра која во првата фаза ќе донесе 600 нови работни места. Она што е важно е дека минатата година извозот на компаниите во Зоните, достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра односно 25 отсто над највисоката точка која ја достигнавме во 2021. Годинава ја завршуваме и со нето ефект на извозот и увозот од над 10 проценти. Тоа се пари кои се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40 отсто од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16.300 наши сограѓани кои работат во овие компании. Само во 2022 имаме над 2.300 нови работни места - истакна Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ потенцираше дека кога се во прашање зоните, значајно е што за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4 денари. 

- Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава ќе продолжи забрзан раст на работни места и нови инвестиции - изјави директорот Деспотовски.

Според владините претставници новата инвестиција во Штип ќе помогне во рамномерниот регионалниот развој. 

Слично

Поврзани вести