Економија, финансии, бизнис

Контакт

Штетите од вчерашните поплави се санирани, но веќе се спрема ново невреме

Штетите од вчерашните поплави се санирани, но веќе се спрема ново невреме
ЕВН Македонија соопшти дека ги санираше сите дефекти во дистрибутивната мрежа предизвикани од синоќешното невреме што го зафати Скопје. Повторно е приклучена трафостаницата на МРТ која беше превентивно исклучена. Отстранети се и дефектите на улицата Македонија, како и помалите дефекти на Кисела Вода, Карпош и Ново Лисиче, информираше портапролот на компанијата Атанас Ковачевски. „Ако обично испраќаме по три екипи на ЕВН, ноќеска беа шест. Ако граѓаните имаат проблем нека се јават на телефоните, што ги објави Градот Скопје“, вели Ковачевски. До утрово целосно е санирана штетата од поплавите кај подвозникот кај Стоковната куќа „Мост“, каде што беа заглавени повеќе возила и лица, кои беа безбедно евакуирани. Екипите интервенираа и на поплавите кај кружниот тек пред хотелот Континентал, на влезот во Општина Гази Баба, кај булеварот Кочо Рацин (во близина на МТВ), и на булеварот Киро Глигоров. Од утрово сообраќајот во градот се одвива нормално, информираат од Град Скопје. По невремето, до Градскиот штаб за заштита и спасување беа пријавени над 70 случаи за штети од поплавите, но нема пријави за повредени лица, туку само за причинета материјална штета. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило" интервенираа во 11 случаи за отстранување паднати дрвја. Беа активирани повеќе од 300 луѓе и целокупната механизација која е на располагање на јавните градски претпријатија и на Противпожарната бригада. Екипите интервенираа на сите критични точки (поплавени места) и ги санираа штетите. Прво се интервенираше на расчистување на булеварите и улиците во Скопје, а во втората фаза се работеше на испумпување на водите од објектите. Граѓаните може да пријавуваат штети предизвикани од поплавите во Скопје на следните телефони - 02/ 3073010, 02/ 3297295, 02/ 3297204. Грмотевизи и пороен дожд веќе има во одредени делови на Македонија, а од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека не може да се предвиди со колкав интензитет ќе биде невремето што се очекува во попладневните часови и дали се очекуваат обилни дождови како вчера.
Слично

Поврзани вести