Економија, финансии, бизнис

Контакт

АКЦИОНЕРСКО СОБРАНИЕ: Штерјо Наков очекува победа, каде е Кираца Трајковска?

АКЦИОНЕРСКО СОБРАНИЕ: Штерјо Наков очекува победа, каде е Кираца Трајковска?
Во текот на денешниот ден ќе биде познато дали ќе има промени во структурата на менаџментот во компанијата “Фершпед”. Вонредното акционерско собрание кое се одржува во Охрид, е закажено за во 11 часот. Засега дел од мнозинските акционери не сакаат да коментираат каков ќе биде исходот. Во телефонски разговор за Фактор, претседателот на Надзорниот Одбор на Фершпед Штерјо Наков, изјави дека не сака да коментира ништо додека не заврши собранието, но кратко одговори дека очекува позитивен исход во негова корист. И пред извесен период Наков, изјави дека на собранието очекува повторно да ја добие довербата од акционерите. Гушев: Каде е Кираца Трајковска? Застапникот на странскиот фонд “Квест Инвестмент”, Венцислав Гушев, кој исто така не сакаше да коментира околу исходот од собранието, изјави дека очекува на денешното собрание да се разјаснат многу работи поврзани со работата на компанијата и да се се средат состојбите во акционерското друштво. - Очекувам да се средат состојбите во друштвото, да се види колкав е имотот на “Фершпед”, со кои друштва е поврзан од земјава и странство, каков е уделот во Сковин и во други комапнии. Во однос на предлогот за отповикување на членови на Надзорниот Одбор, тој предлог го поднесе Кираца Трајковска, а и за тоа прашање денеска треба да добиеме одговор. Трајковска беше иницијатор за вонредното собрание, а сега никаде ја нема. Треба да се види каде е и нејзината одговорност за работата на ”Фершпед”, дали е тоа прашање за собранието или поведување на борба за Фершпед?, изјави за Фактор застапникот на странскиот Фонд “Квест Инвестментс”, Венцислав Гушев. Пред два дена преку известување на Македонската берза, странскиот фонд „Квест Инвестмент“ преку застапникот Гушев поднесе предлог за назначување на пет членови на Надзорниот Одбор за денешното собрание. За членови на Надзорниот одбор страснкиот фонд ги предложи: Петер Гореншек, дипломиран економист од Словенија, Венцислав Гушев, адвокат од Скопје, Драгослав Димевски од Скопје, досегашниот претседател на Надзорниот одбор Штерјо Наков и неговиот син Сашо Наков. Во образложението на предлогот стои дека со оваа структура на членови на Надзорниот одбор се постигнува соодветна застапеност на носителите на акции. - Воедно ќе претставува поттик за консолидирање на интерсите на акционерите и воспоставување реални основи надзорниот одбор овластувањата што ги поседува врз основа на закон и Статут да ги врши во интерес на Друштвото и во интерес на акционерите, стои во известувањето потпишано од застапникот Гушев. Но Гушев вели дека од “Фершпед” за ова барање не добил повратен одговор. -На завчерашното барање што го испративме за предлог членови на Надзорен Одбор, од Фершпед не добивме никаков одговор, дури и да го одбиеја нашиот предлог требаше да соопштат, но тие не го сторија тоа. Оние кои ги застапувам, сметаа дека јас треба да бидам во членовите на Надзорениот Одбор, бидејќи со тоа се постигнува соодветна застапеност на носителите на акции. Претходно јас во име на Драгослав Димевски и “Квест инвестмент” барав да се свика вонредно собрание , но тоа барање беше одбиено. Тогаш во одговорот наведоа дека по барање на друг акционер е свикано вонредно собрание на акционери и дека станува збор за друг акционер што поседува десет 10% акции со право на глас и кој поднел барање за вонредно собрание . Но тие не земале во предвид  дека не се совпаѓаат точките на дневниот ред за кој ние баравме вонредно собрание на акционери во АД „Фершпед“ за повеќе детали.  Ние ќе ги искористиме сите правни средства за поништување на одлуки кои ќе произлезат од акционерското собрание, но што ќе превземе точно доколку не се прифатат нашите предлози сега додека не заврши собранието не можам да кажам. Едно е сигурано, а тоа е дека не отстапуваме од барањето да се изврши ревизија на работењето на компанијата од страна на независка ревизорска куќа,  вели Гушев Адвокатот Гушев на денешното собрание застапува 11.000 акции,  дел од нив се на странскиот фонд “Квест Инвестментс”, дел на Драгослав Димевски, а дел на “Војводинска банка” од Нови Сад. Битката за превласт прво ја вивна, потоа ја урна цената на акциите Цената на акциите на Фершпед порасна за 10 %. Во битката за превласт една акција кон крајот на месец декември лани достигнуваше и цена од 5.800 евра. Но кога цената достигна кулминација, ден потоа почна да паѓа, и кон крајот на месец декември лани цената на една акција беше 2.850 евра. Поситните акционери кои очекуваа дека цената акциите пред одржувањето на акционерското собрание ќе расте, извисија, а во првиот работен ден од годинава немаше истргувано ниту една акција на “Фершпед”. На 26-ти декември минатата година, потпредседателот на Надзорниот Одбор Кираца Трајковска, го продаде својот удел од 10,63% на компанијата „Консалтинг инвестментс син ДОО“ од Скопје, фирма во која таа е еден од основачите. Ваквиот чекор ја изненади јавноста, но Трајковска одговори дека продажбата не значи дека таа излегува од “Фершпед”. - Останувам во Фершпед, а моите акции ги продадов на Друштвото за инвестирање и консалтинг „Консалтинг инвестментс син ДОО“, како мој влог и заложени како позајмица, во фирма во која јас сум еден од основачите. Јас ќе присутвувам на вонредното собрание, изјави тогаш Трајковска. Зошто пукна тиквата меѓу Трајковска и Наков? Долгогодишните партнери Трајковска и Наков, лани ја раскинаа дружбата. На почетокот на месец декември минатата година, Трајковска преку јавно писмо го обвини Наков и неговите синови за незаконско работење, притисок врз вработените да потпишуваат бланко полномошна и обезвреднување на акционерскиот капитал. Таа беше иницијатор за денешното вонредно собрание. Обвинувања на адреса на Наков испрати и застапникот на странскиот фонд Гушев. Тој тврдеше дека има докази дека менаџментот на “Фершпед” давал милионски суми како позајмици на физички и правни лица, кои никогаш не се вратени, за што побара независна ревизорска куќа да изврши ревизија на работењето во “Фершпед”. Ваквите обвинувања беа отрфлени прво од “Фершпед”, а потоа и лично од Наков. Тој изјави дека “Фершпед” работи законски и дека не е точно дека се давани позајмици и дека е вршен притисок врз акционерите. Според податоците Наков заедно со неговите синови поседува 25% од акциите во “Фершпед”, Драгослав Димевски 5%, странскиот фонд “Квест инвестментс” околу 2,85, и по продажбата на ауделот на Трајковска 11,90 % од акциите во “Фершпед” поседува „Консалтинг инвестментс син ДОО“. “Фершпед” важи за една од најголемите шпедитерски компании во земјава, која свој удел има и во други бизниси. Неодамна синот на Наков, Сашо Наков стана член на Управниот Одбор на фабриката за вафли, чоколади и бомбони “Европа”, со мандат од 4 години. Минатото лето компанијата “Фершпед” го зголеми учеството во “Европа” со купување на 9.489 акции, и поседува 3,71 % од акциите во оваа фабрика. Ј.С
Слично

Поврзани вести