Штефан Петер: Странските инвестиции имаат позитивно влијание врз економијата
Најчесто поставувано прашање во последно време, каков е ефектот од странските инвестиции? Особено оние во слободните економски зони. Советот на странски инвеститори во Македонија позитивно го оценува влијанието на инвестициите.
Странските компаниите генерираат поголем економски раст, ја намалуваат невработеноста и овозможуваат трансфер на знаења и технологии. Проценките се дека годинава вкупниот извоз ќе надмине две милијарди евра. Споредено со 2013-та извозот е поголем за 52 проценти.
„Во последниве неколку години со помош на странските инвестиции, Македонија успеа да произведува и да извезува производи со висока технологија, како катализатори, жичани системи, покрај оние што традиционално ги извезува на пазарите“, изјави Штефан Петер претседател на Советот на странски инвеститори.
Странските компании нудат работа и овозможуваат локалните добавувачи да вработат нова домашна работна сила. Годинава се очекува зголемување на вработеноста за 33 проценти споредено со лани.
„Според најновиот извештај на Ернест и Јанг, за 2015-та година, споредено со 2013-та, во 2014-та странските инвеститори го зголемија вработувањето, го зголемија бројот на работни места за 223%“, нагласи Петер.
Одговорајќи на новинарско прашање дали навистина платите во некои од странските компании се пониски од просечните во државата, Петер рече „да не се мешаат баби и жаби“, наместо тоа, да се согледа вистинската слика.
„Не се согласувам со ваквата констатација. Работните услови во развојните зони се добри – безбедна околина, највисоко ниво на заштита, најдобри технички стандарди и редовна плата, секој месец. Акцентот би го ставил на редовната плата што не е случај секаде. Се согласувам дека според последните статистики, просечната плата во дел од зоните е пониска од онаа на државно ниво, но да ја видиме целосната слика – бонуси за одмор, популарното К-15 и други фактори. Секако, мора да се има предвид и тоа што на државно ниво во износот за просечната плата учествуваат и високите плати на голем дел од раководителите на фирмите, а голем дел од работниците во зоните не се со високо образование. Затоа, да не споредуваме јаболка и портокали“, појасни Петер.
Сепак претседателот на Советот е со став дека висината на државната поддршка за странските инвеститори треба да е јавна.
„Се согласувам дека таквите информации треба да бидат јавни. Вчера на владината интернет страница видов дека има прирачници за деловното работење и за почнувањето бизнис во Македонија. Таму има и информации за тоа колкави се субвенциите и каква е помошта во врска со земјиштето или деловното работење“, посочи Петер.
Инаку, половина од најдобрите 200 компании во земјава се странски инвеститори. Во првата половина од годинава во Македонија се инвестирани околу 120 милиони евра, а лани странските инвестиции надминаа 330 милиони евра. Македонија се уште е некаде при крајот на листата по број на странски инвестиции.
Р.Ф.
Слично
