Економија, финансии, бизнис

Контакт

ШТЕДЕЊЕ: Фирмите ги топат заштедите!

ШТЕДЕЊЕ: Фирмите ги топат заштедите!

Јулско намалување на вкупниот депозитиен потенцијал регистрирала Народната Банка во јули, првиот месец од третиот квартал од годинава. Имено, во јули е забележан тренд на намалување на депозитите на компаниите, а вкупната стапка на раст на штедењето изнесувала 7,4% што е помалку во однос на проекцијата.

“Во однос на депозитниот потенцијал, првичните податоци со јули покажуваат нивно намалување, коешто е резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Од друга страна, по двомесечното намалување, депозитите кај домаќинствата во јули забележаа раст, најмногу поттикнат од штедењето во домашна валута. Овие поместувања сигнализираат постепено исцрпување на неповолните ефекти врз довербата на населението од зголемената неизвесност во домашното и надворешното окружување. Сепак, остварувањата кај вкупните депозити со јули се послаби од проектираните, при што на крајот на јули вкупните депозити на годишна основа се повисоки за 7,4%, додека проекцијата за крајот на третиот квартал предвидува раст од 9,5% на годишна основа“, посочуваат од Народната Банка на Македонија.

Последните достапни податоци за депозитниот потенцијал се однесуваат на периодот заклучно со првото економско полугодие. Така, на крајот на јуни вкупните депозити изнесувале нешто повеќе од 4,7 милијарди евра и во однос на состојбата во јануари, тие се зголемиле за 218 милиони евра, додека на месечно ниво, растот изнесува 53,2 милиони евра.

Во јуни, за разлика од јули, е регистирано зголемено штедење  на компаниите, но намалување имало кај депозитите на населението. Така, заклучно со првoто економско полугодие, граѓаните во банките чувале повеќе од 4,7 милијарди евра, додека фирмите располагале со депозити во вредност од 1,1 милијарда евра. Во јуни имало раст и на штедењето во денари и на штедењето во девизи. Имено, во валутната структура и натаму доминира штедењето во домашната валута пришто салдото на денарските депозити изнесува 2,7 милијарди евра додека на девизните депозити 1,9 милијарди евра.

Со овие показатели, депозитната база и натаму расте, иако со забавeна динамика во јули, со што таа веќе значајно ја надмина кредитната исложеност на банките. Вишoкот на ликвидни средства, главно се врзани за државни и за благајнички записи од вредност.

Слично

Поврзани вести