ШТЕДЕЊЕ: 59% од штедењето – во денари !
Расте штедењето и на граѓаните и на фирмите. Полека се сумира банкарската 2015 година. Според најновите податоци на Народната банка, заклучно со ноември вкупната депозитна база надмина 4,8 милијарди евра, што е рекордно највисоко ниво. Имено, пораст има и на штедењето во денари и на штедењето во девизи. Така, вредноста на штедните влогови во денари изнесува 2, 84 милијарди евра и во вкупната база има удел од 59%. Депозитите во девизи изнесуваат скоро 2 милијарди евра со удел од 41% во вкупното штедење. Сепак НБМ, на крајот од третиот економски квартал регистрираше забевен раст на депозитите.
“Поради забавувањето на растот на депозитите, активата на банките растеше забавено. Притоа, карактеристично за третиот квартал е што зголемувањето на депозитниот потенцијал во целост се должи на растот на депозитите на домаќинствата, додека корпоративните депозити забележаа пад. Кај активата на деловните банки се забележа движење во истата насока: кредитната поддршка на домаќинствата растеше, додека корпоративните кредити минимално се намалија. Порастот на депозитите се должеше најмногу на депозитите по видување и девизните депозити“, соопштија од Народната банка.
Според податоците пак за ноември, граѓаните во банките чувале 3,3 милијарди евра , со раст на месечно и на годишно ниво. Вредноста на депозитите на фирмите заклучно со единаесеттиот месец изнесувала повеќе од 1 милијарда евра. На ниво на вкупниот банкарски сектор, во ноември во однос на октомври вкупните депозити се зголемени за скоро 40 милиони евра. Во однос на состојбата на крајот од декември, 2014 година, штедењето е зголемено за 150 милиони евра. Депозитната база и натаму ја надминува кредитната изложеност која во ноември достигна 4,4 милијарди евра.
Слично
