Штајнмаер: Договорот до изборите да се спроведе брзо – СЈО да работи непречено
Договорот што македонските партии го постигнаа по многу преговори и разговори за 11 декември 2016 година како термин за предвремени избори, го поздрави и шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмаер.
Консензусот е во согласност со Договорот од Пржино од јуни 2015 година, смета тој.
„Сега е клучно, договорот за понатамошното постапување до изборите да се спроведе веродостојно и брзо. Мора да се избегне понатамошно заостанување на земјата на патот кој води до приближување на ЕУ. Притоа, останува важно Специјалното јавно обвинителство да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“- вели Штајмаер во соопштението што го испрати Амбасадата на Германија во Македонија.
Тој им заблагодари на еврокомесарот Јоханес Хан и на неговиот тим, како и на германскиот специјален пратеник, амбасадорот во Австрија, Јоханес Хајндл, кои, како што рече, со своето посредништво значително придонеле за успехот на партиските разговори.
Договорот е постигнат вчера на лидерската средба, а избори ќе има на 11 декември.
ЕУ и САД го поздравија исходот од вчерашните преговори меѓу лидерите на четирите најгопеми политички партии во Македонија. Изборите се шанса за враќање на евро-атлантскиот пат, порачуваат од Брисел.
