„Шпионите“ ги уценувале македонските бизнисмени
Бизнисмените Минчо Јорданов и Трифун Костовски сведочеа во судскиот процес за аферата „Шпион“, откривајќи дека биле уценувани од дел од обвинетите за огромни суми пари.
Според Јорданов, од него било побарано да плати неколку милиони евра за да престане, како што се изјасни, „неиздржливиот притисок врз неговото семејство“. Обвинетите, од кои посебно ги посочи поранешниот директор на АД „Бетон“ Миќо Насковски и новинарот Зоран Божиновски за кого истрагата е прекината, на сопственикот на „Макстил“ му се заканувале дека ќе пишуваат оти неговата жена е замешана во трговија со органи, а ќерката и нејзиниот дечко во трговија со дрога.
Заканите преку електронска пошта и смс пораки започнале откако Јорданов го отпуштил Насковски од работа, а за да престанат бизнисменот морал да свика состанок на кој Насковски се појавил со шефот на кабинетот на собранискиот спикер Маријан Маџовски.
Според обвинението, обвинетиот Насковски, на Маџовски му дал 12.600 евра како надоместок да се ангажира и да најде начин Јорданов сериозно да ги сфати заканите и да му извлече голема сума пари, а тие за возврат ќе објават информации за наводна позитивна улога во приватизацијата и откупот на акциите во АД „Бетон“. Новинарот Божиновски бил задолжен да врши притисок врз Јорданов заканувајќи се преку текстови во весник во кои пишувал за наводна криминална приватизација, стои во обвинението.
На притисоци и уцени од обвинетите во аферата „Шпион“ пред судот се пожалија и бизнисменот Трифун Костовски и неговиот син Коста. Според нивното сведочење, не им била побарана конкретна сума пари, но биле уценувани дека на виделина ќе излезат наводни документи дека учествувале во местење фудбалски и ракометни натпревари.
Обвинението за случајот „Шпион“ опфаќа 19 лица, обвинети за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна и оддавање државна тајна.
Слично
