Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шпаркасе банка најавува офанзивен приод во кредитирање на бизнисите!

Шпаркасе банка најавува офанзивен приод во кредитирање на бизнисите!
Шпаркасе Банка Македонија во ниту еден период во изминативе години не зазема дефанзивен приод кон стопанството и кредитирањето на компаниите. Тоа е посебно евидентно во последните две години кога Банката остварува речиси двојно повисоки стапки на раст на кредитирањето на правните лица од просекот на банкарскиот сектор во Македонија. Нашата стратегија е базирана на интензивно присуство на пазарот, со главен фокус на оние компании кои имаат реален капацитет за сервисирање на своите обврски и кои се ориентирани кон долгорочен раст, вели во интервју за Фактор Елена Богданова, Директор на Сектор Управување со правни лица, во Шпаркасе Банка. Фактор: Како се создава најповолен производ за клиентите. Се анализира пазарот, компанијата или има нешто друго. Како Шпаркасе Банка создава поволна понуда за клиентите? Богданова: Анализата на пазарот, макроекономските и микроекономските движења, предвидувањата за економската активност во следниот период се само основните елементи при креирањето на стратегијата на Банката во однос нејзиниот настап на пазарот и степенот на ризик кој таа сака да го преземе во текот на анализираниот период. Она кон што Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје се стреми и го практикува е индивидуален пристап при креирањето на понуда до клиентите. Имено, во период кога банките имаат можност да си конкурираат во делот на каматните стапки, елементот кој дава конкурентска предност на пазарот е можноста за конципирање на индивидуална понуда до секој клиент, која ќе ги има во фокус потребите на компанијата и нејзиниот иден раст и профитабилност, со што широко се отвора вратата за меѓусебна долгорочна соработка. Фактор: Градење партнерски однос со клиентите што значи ова - банката е максимално отворена кон клиентот? Богданова: Токму фокусот на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје кон клиентот и неговите потреби е основата за градење на тој партнерски однос. Она што клиентите го препознаваат во Банката како дистинкција во однос на конкуренцијата на пазарот е активното вклучување на Банката во препознавање на самиот бизнис модел кој го практикува компанијата и креирање на соодветна финансиска структура која може да го подобри самиот бизнис модел и да го постави на одржливо ниво. Се разбира дека партнерскиот однос вклучува и советување на клиентите со цел подобро користење на сопствените ресурси, како и презентирање на можностите и начините за користење на многубројните финансиски инструменти кои ги нуди Банката. Ова го потенцирам поради фактот што нашето искуство говори дека постои голем број на клиенти кои не поседуваат доволно информации за начините на кои можат да ги користат банкарските продукти, а што може директно да влијае врз зголемувањето на нивната профитабилност. ДОЛГОРОЧЕН ОДНОС СО КЛИЕНТИТЕ ПРЕКУ СОГЛЕДУВАЊЕ НА НИВНИТЕ ПОТРЕБИ ВО БИЗНИСОТ Фактор: Дали банката заедно со клиентот ги согледува долгорочните потреби на клиентот и какви се обично советувањата за избор на најдобрата стратегија? Богданова: Во ситуацијата која постои денес на македонскиот пазар, најголемиот број од компаниите се единствено фокусирани на секојдневното работење запоставувајќи ги нивните долгорочни цели и планови. Една од главните задачи на Шпаркасе Банка Македонија е токму согледување дали една компанија има долгорочна стратегија и дали таа стратегија е остварлива во предвидениот период, со или без помош на Банката. Во таа насока се движи и нашата анализа на секоја компанија со која соработуваме или е дел од нашата таргет група. Имено, Шпаркасе Банка Македонија, користејќи го искуството кое го има на домашниот пазар, како и искуството на останатите банки во рамки на групацијата, се обидува да воспостави долгорочен однос со клиентите токму преку согледување на нивните потреби во бизнисот како и анализа дали тие потреби се засновани на реалните можности и перформанси на компанијата. Доколку Банката оцени дека компанијата го има потребниот капацитет (менаџерски и оперативен) во игра се внесува финансирањето во обем и структура (го потенцирам зборот структура) кои ќе овозможат понатамошен континуиран раст на компанијата. Фактор: Кризата во реалниот сектор се уште трае. Подоготвени ли се банките да одговорат на предизвиците? Богданова: Кризата со која се соочија речиси сите светски компании во изминатите неколку години не ги одмина ниту македонските компании. Мора да напоменам дека во таа криза македонските компании беа во принцип колатерална штета со оглед дека генератор на проблемите за македонските компании беа нивните странски партнерски компании и проблемите во нивните држави, што придонесе за намалување на обемот на работење и промена на нивните приоритети. Сепак, реално е да се напомене дека нашите компании се навикнати да функционираат во отежнати услови и по мое мислење добар дел од нив успешно се носат со предизвиците кои секојдневно ги носи реалниот сектор. Во однос на нашата улога (улогата на банките) во целиот изминат период, мора да истакнам дека македонските банки благодарение на својата прудентна политика останаа столб на македонската економија, и иако многупати критикувани, банките успеаа да ги одржат стапките на раст на кредитирањето на стопанството над нивото на стапката на економски раст. ОФАНЗИВЕН ПРИОД КОН КРЕДИТИРАЊЕ НА СТОПАНСТВОТО Фактор: Каква е состојбата со кредитирањето на правните лица, комапниите? Богданова: Шпаркасе Банка Македонија во ниту еден период во изминативе години не зазема дефанзивен приод кон стопанството и кредитирањето на компаниите. Тоа е посебно евидентно во последните две години кога Банката остварува речиси двојно повисоки стапки на раст на кредитирањето на правните лица од просекот на банкарскиот сектор во Македонија. Нашата стратегија е базирана на интензивно присуство на пазарот, со главен фокус на оние компании кои имаат реален капацитет за сервисирање на своите обврски и кои се ориентирани кон долгорочен раст. Во таа насока, нашиот тим е секојдневно присутен меѓу домашните компании, не секогаш насочен кон аквизиција на нов клиент по секоја цена, туку насочен кон запознавање на потребите на компаниите и нивно поврзување со можностите кои им ги нуди соработката со Шпаркасе Банка Македонија. Фактор: Има ли нефункционални кредити? Богданова: Ризикот е составен дел на секоја бизнис дејност па така и на банкарството. Со оглед дека реалниот сектор (бизнисот) и банките се органски поврзани и взаемно условени, не може да се очекува дека влошувањето на состојбата на македонската економија нема да има влијание врз банките. Во таа насока е и растот на нефункционалните кредити кај банките кој беше забележан во изминатите две години. Сепак, Шпаркасе Банка Македонија благодарение на квалитетните методи на анализа и фокус кон бизнисот на компаниите и нивната реален отплатен капацитет, го држи нивото на нефункционални кредити согласно просекот на банкарскиот сектор во Р.Македонија. Фактор: Колку Банката е подготвена да понуди користење на поволности и иновации кои се достапни од банката и кои би довееле до нови можности за финансирање? Богданова: Шпаркасе Банка Македонија постојано се труди да понуди иновации и поволности на пазарот со кои ќе се разликува од конкуренцијата и со кои ќе им помогне на своите клиенти во секојдневното работење. Тие поволности не мора секогаш да бидат квантификувани како намалена каматна стапка или провизии, туку многу често се работи за советување на компаниите во однос на нивниот бизнис модел, начинот на правилно користење на финансиките инструменти кои им се на располагање или поврзување на нашите локални клиенти со останатите клиенти на ниво на нашата групација низ цела Југоисточна Европа. Што се однесува до конкретни иновации кои Шпаркасе Банка ги носи на македонскиот пазар, морам да го истакнам нашиот оддел за проектно финансирање кој работи многу успешно во изминатиот период користејќи ги моделите и стандардите по кои работи Штаермеркише Шпаркасе во Грац, секако прилагодени на локалните, домашни услови. Фактор: Заедничко работење на ниво на Групација, за воведување можности за алтернативно финансирање, што значи ова? Богданова: Силната кохезија на финансиските институции во рамките на Ерсте групацијата (во која припаѓа и Шпаркасе Банка Македонија) и нивниот придонес кон развојот на алтернативното финансирање се почуствува и во Македонија, кога во текот на изминатиот месец во Скопје по втор пат се одржа Erste Investors Breakfast 2014 на кој покрај членовите на Управниот и Надзорниот Одбор на Шпаркасе Банка Македонија и  претставници на Erste групацијата, присуствуваа и претставници од Македонската Берза, Пензиските фондови кои оперираат во Р.Македонија, Комисијата за хартии од вредност како и претставници на повеќе финансиски институции и домашни комапнии. ШПАРКАСЕ БАНКА МАКЕДОНИЈА Е ПОСТОЈАНО ВО АКЦИЈА Фактор: Преку државната Македонска Банка за подршка на развојот беа пуштени во оптек поволни кредитни линии. Каква е искористеноста? Богданова: Кредитните линии достапни преку МБПР се исклучително значајни и корисни за македонското стопанство. Иако дел од банките на пазарот кои се во сопственост на поголеми банкарски групации (меѓу кои и Шпаркасе банка Македонија) имаат пристап до релативно поволни извори на средства и истите им ги нудат на своите клиенти, сепак субвенционираната кредитна линија од ЕИБ со каматна стапка од 5,50% на годишно ниво која е и фиксна за целиот период на користење на средствата претставува извонредно олеснување и одлична прилика за домашните компании кои се во инвестициски циклус или им се потребни трајни обртни средства. Во таа насока, Шпаркасе Банка Македонија ја продолжува успешната соработка со МБПР и со тековната четврта кредитна линија од ЕИБ која им стои на располагање на нашите постоечки и потенцијални клиенти. Фактор: Шпаркасе Банка годинава имаше неколку акции што за граѓаните што за фирмите. Како сте задоволни од досегашниот тек на кредитирање? Богданова: Шпаркасе Банка Македонија е постојано во акција, постојано присутна на теренот меѓу компаниите и меѓу граѓаните. Токму од таму се црпи и нашата понуда за клиентите (правни и физички лица) која постојано се надополнува, се проширува. Во таа насока е и најновата кампања на Банката насочена кон корисниците (постоечки и потенцијални) на станбени кредити, каде Шпаркасе Банка Македонија нуди извонредни услови со фиксна каматна стапка за првите три години од 3% на годишно ниво, и фиксна каматна стапка од 5,25% за следните две години, без трошоци за обработка и проценка и со максимален рок на отплата од 30 години. Се разбира оваа понуда е само мал дел од вкупната понуда на Банката, која во вистинска смисла може да се нарече “Банка на вашето семејство”. Фактор: Какви се плановите за догодина и што може да очекуваат фирмите во следниот период од Шпаркасе Банка, кога се во прашања кредитите. Може ли да се очекуваат поефтини кредити? Богданова: Шпаркасе Банка Македонија има многу амбициозни планови за следната година и нашите целокупни напори ќе бидат насочени кон остварување на зацртаните планови. Тоа во принцип ќе биде позитивно за нашите клиенти со оглед дека Банката уште поинтензивно ќе биде присутна на терен помеѓу компаниите и ќе се труди да пласира средства по поволни услови до компаниите и до граѓаните. Сепак, како што напоменав на почетокот, ние се трудиме да воспоставиме долгорочен однос со своите клиенти, а тој однос не зависи секогаш од висината на каматната стапка која е променлива категорија и која не сосема зависи од деловната политика на Банката (тука во прв ред мислам на висината на ЕИРБОР-от кој го претставува основениот елемент во калкулацијата на трошокот по кој банките позајмуваат на меѓународниот пазар). Во моментот, статистички гледано, македонското стопанство и граѓаните користат кредити со најниски каматни стапки во историјата на Р.Македонија, а и тенденцијата е кон понатамошно намалување, паралелно со намалувањето на каматните стапки на депозитите, што е  взаемно условено. Сепак, кредитната активност на банките, па и побарувачката за кредити ако сакате, не зависи само од висината на каматните стапки туку реално од квалитетот на понудените проекти и нивната интерна стапка на профитабилност врз која каматната стапка на понудениот извор на финансирање не смее да има пресудно влијание за да биде тој проект прифатлив за отпочнување, не само за банката туку и за самиот стопанственик. И.М.
Слично

Поврзани вести