ШОЛЦ ГО ИСПОЛНИ ВЕТУВАЊЕТО: Од октомври минималната саатница во Германија ќе биде 12 евра
Германскиот
парламент, донесе одлука за зголемување на минималната саатница на 12 евра од
октомври годинава.
Минималната саатница, која во моментов изнесува 9,82 евра бруто, прво треба да се зголеми на 10,45 евра на 1 јули и на 12 евра на 1 октомври.
Законодавците претпоставуваат дека во Германија во моментов околу 6,2 милиони вработени добиваат часовна плата помала од 12 евра. Следното зголемување на минималната саатница би можело да следи на почетокот на 2024 година.
„Тоа не би било можно без Олаф Шолц“
Зголемувањето на минималната саатница беше едно од централните изборни ветувања на германската владејачка Социјалдемократска партија (СПД).
„Без Олаф Шолц, нема да има зголемување на саатницата“, рече во петокот министерот за труд Хубертус Хајл. Тој додаде дека зголемувањето на минималната плата ќе донесе „значително зголемување“ за оние кои заработуваат најмалку.
Левица поддржува, но ...
Законот за зголемување на минималната плата го поддржаа Социјалдемократско-зелено-либералната коалиција и Левата партија, додека претставниците на опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ и десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) беа воздржани.
Левицата го поддржа зголемувањето на минимумот, но посочи дека тоа не ја следи стапката на инфлација.
Зголемувањето на минималната плата беше критикувано од Германското здружение на работодавачи (БДА), а поздравено од претставниците на синдикатот.
ФОТО: EPA