Шојбле: Неодговорно е да не и се помогне на Грција!
Според германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ќе биде неодговорно да не се одобри третиот спасувачки пакет за Грција.
„Нема гаранции дека сето ова ќе функционира и секогаш ќе има сомнежи“, изјавил тој пред долниот дом на германскиот парламент за време на дебата за последната меѓународна помош за Атина во висина од 86 милијарди евра.
„Но со оглед дека грчкиот парламент веќе ги одобри повеќето од мерките (за штедење), би било неодговорно да не ја искористиме оваа шанса за нов почеток на Грција“, додал тој.
Пред неколку дена Шојбле изјавил дека е невозможно долговите на Грција да се поедностават. Тој истакнал дека во Грција треба што е можно побрзо да почнат да ги применуваат мерките кои ќе доведат до економски раст. Ова ќе и помогне на земјата и нејзиното население.
