Шилегов укажа на милионски приходи на неделникот „Република”, па му се заканија со тужба
На портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов му се заканува пријава од страна на неделникот „Република”, за неговите тврдења дека весникот добил милионски примања од Владата.
Шилегов обвини дека во последните три години тие добиле владини пари во износ од 1,1 милион евра.
Тој тврди дека фирмата сопственик на Република се наоѓа на иста адреса во Белизе со познатата компанија „Сирах лимитед“ преку која, според опозицијата, Груевски доаѓал до парцелите на Водно, нарачувал промени на урбанистичките планови, а според материјалите од прислушувањето, и потпорни бетонски ѕидови. Управител на компанијата „Сирах лимитед“, според Шилегов, е Ристо Новачевски кумот на Груевски од првиот брак.
Од друга страна пак, Фирмата „Прва Република ДООЕЛ“ во чија сопственост е неделникот Република ги демантира тврдењата на Шилегов.
-„Прва Република“ д.о.о.е.л. бара од СДСМ, но и од сите медиуми што ја пренесоа изјавата да го објават демантот во целост и да се извинат за изнесените лаги. За изнесените невистини од страна на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, „Прва Република“ ќе поднесе соодветна пријава пред надлежните органи. Во исто време, против Шилегов и медиумите што ја пренесоа информацијата ќе биде поднесена соодветна пријава и за противзаконско објавување лични податоци, се вели во реакцијата на Република.
Според Република, Шилегов изнел груби лаги и невистини за непостојни приходи, кои беа искористени во конотација да се наруши угледот и имиџот на медиумот.
