Шилегов: Судијата одлучува онака како ќе каже адвокатот на Груевски
Одлуката на судот да ја отфрли како доказен материјал снимката од телефонските разговори за случајот „Македонска банка“ е скандалозна, смета портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Судот денеска одлучи да не ја прифати снимката од наводни телефонски разговори меѓу Груевски и српскиот бизнисмен Нини, затоа што не била снимена со налог на овластен државен орган.
„На барање на Никола Груевски судот донесе скандалозна одлука да не биде изведена како доказ аудиоснимката, што е клучен доказ. Повеќе од очигледно станува дека Никола Груевски бега како ѓавол од крст од аудиоснимката и од соочување со реалноста. Тој го правел разговорот за продажба на Македонска банка“, изјави Шилегов.
Тој тврди дека за потребите на Никола Груевски и неговиот полномошник, судовите и другите институции одговараат за 24 часа. „Никола Груевски преку својот полномошник испорачува, а судот му исполнува што всушност сака да биде доказ и што всушност треба да се случува во оваа постапка“, вели Шилегов, според кого од Груевски ќе зависи и крајниот исход на постапката.
Слично
