Шилегов: Стан на кредит и куќа – подарок од родителите
Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, по два дена прозивки од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за неговата имотна состојба и стекнатиот имот, денеска се огласи со објаснување. Тој тврди дека куќата што владејачката партија ја прикажува како дел од неговиот имот била изградена од неговите родители, а потоа нему му била подарена.
„Таа е подарок од моите родители во моментот кога го основав своето семејство. Значи, дека куќата е изградена далеку пред јас да станам претседател на Комисијата. По однос на мојот стан во Кисела Вода, мојата адвокатска канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ му ги нуди услугите, за релативно евтино ќе се договориме, за читање имотни листови. Станот се наоѓа во катастарска општина Кисела Вода. По адреса е на булевар „Кузман Јосифовски Питу“, во скопската населба Аеродром. Во тој стан е сместена адвокатската канцеларија на адвокат Петре Шилегов. Станот е купен во 2007 година, на кредит што сè уште се отплаќа“, појасни Шилегов.
Тој обвини дека документите со кои излегува владејачката партија за одлучувањето на второстепената владина комисија не се од јавен карактер, но некој ги извлекува од архивите во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата на власт два дена го прозива Шилегов со прашање како го стекнал имотот, кога и тој и неговата сопруга пријавиле дека земаат минимална плата. ВМРО-ДПМНЕ побара тој да одговори дали имотот е стелнат во периодот кога Шилегов бил дел од второстепената владина комисија.
Слично
