Шилегов:Македонија е во криза само за Груевски да не оди во затвор
Да не беше одлуката за аболиција денеска правдата ќе почнеше да го стасува Никола Груевски, изјави денеска Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Шилегов вели дека отворањето на предметот „ТНТ“ на независната институција СЈО, покажа зошто Ѓорге Иванов мораше да брза со аболицајата. Според него, Македонија се наоѓа во најголемата криза само за да Груевски не оди во затвор.
„Одговорноста за сите случувања во Македонија е на Никола Груевски, Ѓорге Иванов и Трајко Вељаноски. Денеска стана јасно зошто Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат фер и демократски избори. Бегаат од прочистен избирачкиот список, реформи во медиумите и одвојување на партијата од државата. Затоа Македонија е на нозе“ - кажа Шилегов.
СДСМ, сите слободоумни граѓани и цела демократска Македонија заедно ја продолжуваат битката за враќање на слободата и демократијата, еднаквоста и правдата, за враќање на уставниот поредок, додава Шилегов.
Тој повтори дека во Македонија мора да има и ќе има фер и демократски избори.
