Шилегов: Јалов обид на Груевски да избега од одговорноста за прислушкувањето
Анкетната комисија не успеа да усвои дневен ред со цел да биде одржана седница која беше најавена пред неколку дена.
Првиот сведок кој требаше да биде сослушан, премиерот Никола Груевски не се појави пред пратениците од Анкетната комисијата поради работни обврски.
Претседателот на комисијата Петре Шилегов непојавувањето на сослушување го окарактеризира како обид на премиерот Никола Груевски да избега од вистината и одговорноста за прислушкувањето.
„За жал не смогнаа ниту сила, ниту храброст ВМРО ДПМНЕ да се соочи со вистината по кој знае кој пат и одлучи, наместо да пристапи кон конструктивна работа на Анкетната комисија, да ја опстриура нејзината работа, да не го изгласа дневниот ред за да не можат високите државни и политички фунцкионери на ВМРО ДПМНЕ да се појават пред Анкетната комисија и да одговорат на ненарачаните прашања на членовите на Анкетната комисија барем на дел од нас“, изјави Шилегов.
Тој потенцираше дека „Анкетната комисија не е партиски штаб на ВМРО ДПМНЕ за да можат Никола Груевски или Зоран Ставрески да ги одбираат термините. Термините се даваат со цел да допре до јавноста вистината и со цел Анкетната комисија брзо и непречено да ја обавува својата работа и својата фунцкија“.
Шилегов истака дека без оглед на поведението на ВМРО ДПМНЕ Анкетната комисија ќе продолжи со своите секојдневни активности.
На утрешната седница тема на дневен ред ќе биде сослушување на сведоците Мартин Протугер, како прво посочен од листата на СДСМ, со оглед на тоа што Никола Груевски денеска не се појави пред Анкетната комисија и Зоран Ставрески како второпредложен од страна на ВМРО ДПМНЕ.
