Шилегов: „Извини Тодоров, ама тоа не ја менува суштината на скандалот“
Портпаролот на опозициската СДСМ Петре Шилегов му се извини на министерот за здравство Никола Тодоров затоа што направил „ненамерен превид“, објавувајќи ги документите за скандалот со набавката на медицинска опрема од фирмата „Висарис“.
„Јавно му се извинуваме на Министерството за здравство и на министерот за здравство, Никола Тодоров што го откривме овој мега скандал за корупција на медиуми, му се извинуваме на министерот Тодоров што со факти и аргументи покажавме дека Ивона Талевска била доминантен сопственик при основањето на фирмата што добила милионски бизнис од неговото министерство. Се извинуваме што направивме ненамерен превид само во однос на годината, иако тоа не ја менува суштината на овој скандал. Само за тој дел околу временскиот период околу годината кога Ивона Талевска се повлекува од фирмата се извинуваме и повлекуваме, а бидејќи тоа не ја менува суштината, го повикуваме Тодоров да понесе одговорност“, изјави Шилегов.
Според него, грешката во датумот не ги менува останатите факти во овој случај. Од СДСМ се сомневаат дека „Висарис“, сопственички поврзана со новинарката Ивона Талевска, воопшто ги исполнувала условите за да го добие тендерот, со оглед на тоа што станува збор за фирма која постоела неполни две години во моментот кога бил распишан тендерот.
Министерот Тодоров претходно му даде рок од 48 часа на Шилегов да се извини за наводите изречени на пресконференциите поврзани со тендерот за набавка на медицинска опрема од фирмата „Висарис“.
За што точно бараше извинување Тодоров, повеќе на следниот линк:
Тодоров бара извинување од Шилегов или ќе тужи за клевета
Слично
