Шест поранешни детски одморалишта понудени на приватни инвеститори
Шест поранешни детски одморалишта се понудени на продажба за приватни инвеститори, а огласот еобјавен минатата недела, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Пет од овие шест одморалишта по продажбата ќе ја задржат дејноста туризам, а едно одморалиште согласно огласот ќе треба да биде пренаменето во приватен дом за згрижување на стари лица.
Овозможувањето на влез на приватен капитал ќе се изврши преку отуѓување, односно продажба на имотот кој се наоѓа во овие детски одморалишта, кои се сега вон употреба, имот кој е во сопственост на Република Македонија, а чиј корисник е Министерството за труд и социјална политика.
Предмет на продажба се следните поранешни детски одморалишта:
-Ѓуриште во Свети Николе, со капацитет од 1060 м2, и почетна цена на наддавање од околу 57000 евра;
-Шула Мина во Крушево, со капацитет од 1216 м2, и почетна цена на наддавањето од околу 75000 евра;
-Суви Лаки кое се наоѓа помеѓу Берово и Струмица, со капацитет од 3446 м2, и почетна цена на наддавањето од 170 000 евра;
-Николиќ во Дојран, со капацитет од 6082 м2, и почетна цена на наддавањето од околу 315 000 евра;
-Малешево во Берово, со капацитет од 4001 м2, и почетна цена на наддавањето од 515 000 евра.
Согласно огласот и согласно постоечките детални урбанистички планови, новите потенцијални сопственици на овие капацитети по нивното купување треба да ја задржат дејноста туризам.
За одморалиштето во Пехчево, кое е со капацитет од 435 м2, и има почетна цена на наддавањето од 23 000 евра, новиот потенцијален сопственик ќе треба по купувањето да ја промени дејноста и да воспостави бизнис од областа на социјалната заштита поточно згрижувачки дом за стари лица, и тоа ќе треба да го направи во рок од 24 месеци согласно правилата во огласот кој е објавен, појаснува Ѓорѓиев.
„Имотот кој ќе биде продаден ќе стане сопственост на купувачот кој ќе понуди највисока цена, и тој на истиот имот ќе може да организира свој автохтон бизнис и истиот самостојно да го води и да обезбедува приходи. Ова е добра можност за развој на бизнисите, и затоа ги охрабруваме сите заинтересирани компании во овој период од 60 дена до одржувањето на јавната електронска аукција да ги проучат можностите за инвестиција, да направат бизнис проценки и да аплицираат на огласот. Во Министерството за труд и социјална политика може да се добијат консултации, одговори на прашања и давања на податоци кои се од интерес за потенцијалните инвеститори“, вели тој.
Детските одморалишта во минатото имаа свој бренд, кој иако избледен се уште постои, населението кое живее во овие региони има искуство со работа во дејноста туризам, а локациите на кои се наоѓаат овие одморалишта кои се предмет на продажба и дел од инфраструктурата во нив даваат можност за реализација на бизнис и работа во сферите на планинскиот, алтернативниот, руралниот или езерскиот туризам, што дава можности за доходовен бизнис за компаниите кои би инвестирале и можност за отворање на нови работни местапотсетува владиниот портпарол.
Слично
