ШЕСТ НОВИ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ: ќе се вработат 2.000 граѓани, еве ги деталите
Владата денеска преку соопштение се пофали дека по промената на власта во Македонија се реализирале шест нови странски инвестиции.
- Инвестициски бум се случува во Македонија изминатите шест месеци. Шест месеци нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ значи шест нови странски инвестиции и над 2000 нови вработувања - се потенцира во нивното соопштение.
Тие посочуваат дека првата инвестиција на „Алказар Енерџи“ за изградба на ветерници во општините Радовиш, Штип и Карбинци, е во вредност од 500 милиони долари и значи 630 нови вработувања, а со инсталирање на 55 ветерници со електрична енергија ќе се снабдат 100.000 граѓани.
Втората инвестиција на германско-белгиска „Епсотех Аим“ е за изградба на развојно истражувачки центар, алерти центар во индустриско-технолошките зони на територијата на Општина Петровец. Нејзината вредност е од 20 милиони евра и нови 110 вработувања.
Меѓу другото потенцираат дека и покрај лошата економска состојба која ја наследиле, како Владата работат посветено и спроведуваат економски политики со кои привлекуваат нови странски инвестиции.
- Како Влада воспоставуваме партнерски и деловен однос со странските и домашни инвеститори, отвораме нови работни места и придонесуваме за подобрување на бизнис климата и животниот стандард на граѓаните. Владата работи посветено на забрзување на економскиот развој. Наш приоритет е стабилна македонска економија - потенцираат во соопштението.
