Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шест милиони евра ќе се потрошат за скопското „надземно метро“, проект кој допрва треба да се види дали е исплатлив

Шест милиони евра ќе се потрошат за скопското „надземно метро“, проект кој допрва треба да се види дали е исплатлив

За оваа година ќе се потрошат 6 милиони евра за новиот проект „Градски воз“, за кој допрва треба да се утврди дали ќе биде исплатлив и дали ќе има интерес. Ова е напишано во инвестиционата програма за 2025 на јавното претпријатие Железници - Инфраструктура. Со овие пари треба да се расчистат „закоравените“ приградски траси во Скопје и да се изградат мини-станици за да заживее ова „надземно метро“.

Таму се предвидени 360 милиони денари од буџетот со кој треба да се реконструираат железничките линии во и околу Скопје. Станува збор за пругите Скопје - Илинден - Миладиновци во должина од 20 километри, Скопје - Драчево - Зелениково во должина од 25 километри и Скопје - Ѓорче Петров - Волково во должина од 18 километри. 

„Надземното метро“ треба да ги поврзе населбите Волково, Даме Груев, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Драчево и Лисиче со главната железничка станица во центарот на градот. и да се патува од еден до друг крај на градот со избегнување на метежот во патниот сообраќај.

„Со воведувањето на „Градски воз“ се очекува граѓаните да се вратат на користење локален железнички превоз со што ќе се подобри ефикасноста на превоз на патници во Скопскиот регион и ќе се намали сообраќајниот метеж на територијата на Град Скопје, а истовремено ќе се намали и аерозагадувањето. Затоа е потребно да се изврши реконструкција на постоечките траси, со цел реализација на Проектот“, објаснето е во финансискиот план на јавното претпријатие.

Директорот на МЖ - Инфраструктура, Синиша Наумовски, пред една недела изјави дека за два месеци отсега ќе се знае дали има економска логика за реализација на „Градски воз“ и дека Градежниот факултет добил задача да направи физибилити студија која ќе треба да даде одговор дали ваков проект воопшто е исплатлив. 

„Градски воз“ треба да биде алтернатива за граѓаните од периферијата на ужасно лошиот јавен превоз во главниот град. Доколку студијата покаже дека е еконоски исплатливо, според најавите на надлежните, градежните работи треба да почнат уште на пролет.

- Со градежни работи оваа пролет и лето почнуваме сигурно. Но да видиме во зависност од степенот во којшто ќе има потреба од реконструкција и рехабилитација да видиме дали ќе успееме да завршиме се оваа година или некој дел ќе биде и за наредна година доработен. Но, во секој случај, ќе направиме сериозни напори, барем една, минимум една, од овие три главни траси во Скопје да биде до крајот на оваа година функционална, рече Ивановски.

Студијата која ја изготвува Градежниот факултет ќе ја чини Железници Инфраструктура 58.000 евра. Претходно министерот за транспорт Александар Николоски најави дека со воведување на т.н. градски воз, Градот Скопје треба да добие нешто што го имаат поголемите градови низ Европа и за тоа ќе се искористи постојната инфраструктура.

„

„Имате директна пруга која оди од населбата Драчево до центарот на Скопје, до главната Железничка станица. Зошто некој да се вози со автобус или со автомобил, да се создава загадување, кога може во точно предвидено време да стига од Драчево до Скопје? Тоа е нешто што ќе го иницирам со новиот директор на ‘Македонски железници.

Има таква инфраструктура и до општината Ѓорче Петров и до општината Бутел и до делови од општината Гази Баба. Може да се направи еден цел прстен во Скопје, особено во населби што се тешко поврзани со центарот на градот. На тој начин ќе можат брзо да дојдат до центарот, а да се растерети сообраќајот“, рече министерот за транспорт на почетокот на својот мандат.

Засега не е познато колку возови би биле ставени во функција на „Градскиот воз“. Николоски во меѓувреме рече дека е ова негов личен проект со кој треба да се олесни сообраќајниот хаос во Скопје и дека неговата надградба ќе се интензивира по локалните избори за кога очекува евентуална поддршка од новите градски власти.

Инаку МЖ Инфраструктура во својот финансиски план за 2025 најмногу средства - 30 милиони евра има предвидено за доизградба на пругата Куманово - Крива Паланка. Средствата се заем и грант од Европската банка за обнова и развој.

А.К.

Слично

Поврзани вести