Шешељ не е виновен за злосторства против човештвото, плановите за Голема Србија биле политички
Хашкиот трибунал денеска пресуди дека лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ не е виновен за злосторства против човештвото.
Пресудата се изрекува во отсуство на обвинетиот, кој во Белград ја чека пресудата.
Доказите покажуваат дека соработката со Слободан Милошевиќ, била околу тоа да се бранат Србите или да се зачува Југославија, а не да се извршуваат злосторства. Обвинителството не успеа да докаже постоење на здужено злосторничко движење, а исто се отфрла и одговорноста за прогонства на население.
Изрекувањето на пресудата ја читаше претседателот на Претресниот совет, судијата Жан Клод Антоанети, кој потсети дека Хашкото Обвинителство тврди дека Шешељ учествувал во здружен злосторнички потфат со Слободан Милошевиќ, со воени и паравоени сили.
Советот оцени дека плановите за Голема Србија биле политички, а не злосторнички мотивирани. Шешељ беше во притвор откако му се предаде на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија во 2003 година. Тој се бранеше сам и постојано ги отфрла обвинувањата. Тој има рак на црниот дроб, а беше ослободен во ноември 2014 година.
Српските медиуми пишуваат дека оваа пресуда ќе влијае не неговиот резултат на избори.
