Шемата на ЕЦБ го зголеми задолжувањето на компаниите
Компаниите во еврозоната емитуваат повеќе обврзници откако Европската централна банка во март донесе одлука да почне со откуп на долгови на компании од приватниот сектор.
„Бројот на новоемитувани обврзници значајно се зголеми откако ЕЦБ соопшти дека ќе интервенира на пазарите“, се наведува во редовниот економски билтен на ЕЦБ , пренесе Франс прес.
Обемот на емисија на обврзници, како се наведува во билтенот е значајно поголем од просекот забележан претходните години во второто тромесечие.
Програмот на откуп на корпоративни обврзници стапил на сила на 8 јуни, а најмногу се откупувани обврзници на компании од секторот производство на стоки со широка потрошувачка, телекомуникациони и индустриски фирми.
ЕЦБ се надева, дека по пат на откуп на обврзници, ќе им олесни на компаниите прибавување на средства, отварајќи им така пат за инвестиции и вработување на нови работници, што за возврат би требало да поттикне економски раст и да ја подигне инфлацијата.
До 31 јули, ЕЦБ би требало да потроши 13,2 милијарди евра на корпоративни обврзници, купувајќи 94 отсто од нив на секунадрниот пазар а не директно од емитерите.
Откупот на корпоративни обврзници е само дел од 80 милијарди евра, колку ЕЦБ троши секој месец во рамки на програмата квантитативно олеснување или откуп на државни хартии од вредност.
