„Shell“ ќе крати 10 000 работни места
Британско-холандскиот енергетски гигант „Royal Dutch Shell“ ќе отпушти 10 000 работни места при спојувањето со „BG Group“ и ќе продаде имот во вредност од 30 милијарди долари, за да го задржи својот профит во услови на вртоглавото опаѓање цени на горивата.
Намалувањето на работните места ќе се случува во текот на целата 2016 година, додека продолжува и интеграцијата на двете компании.
За 2015 година компанијата успеала да ги намали оперативните трошоци со 4 милијарди долари и се очекува оваа година намалување од уште 3 милијарди долари.
Не се соопштуваат детали за тоа каде и кои ќе се погодени од отпуштањата на работни места, но од извештајот на компанијата, станува јасно дека за 2015 година веќе се скратени 7500 работни места.
„Royal Dutch Shell“ и “BG Group“ имаа заедничко 99 000 вработени во светот кон крајот на 2014 година, покажуваат податоците од двете компании.
Главниот извршен директор на компанијата Бен ван Патен порано направи прогноза на цена од 60 долари за барел нафта, која сега изгледа прилично нереална. Денес американската лесна сурова нафта се продава под 28 долари за барел.
