Шеќеринска: Власта станува нервозна поради новата опозициска програма
Опозициските мерки за враќање на средната класа беа презентирани пред велешани. Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска истакна дека нивната цел е да ги промовираат мерките од програмата и да понудат алтернатива.
„Факт е дека оваа активност на СДСМ предизвикува секаде позитивни реакции кај граѓаните и дека тоа ја прави власта многу нервозна. Како никогаш до сега слушавме навреди, напади, неаргументирани обвинувања и лаги. Слушнавме пред неколку дена дека СДСМ, замислете, и ние поединечно сме биле непожелни граѓани во оваа држава и во оваа општина. Каде тргна Македонија, кога власта си дозволува и се чувствува моќна да прогласува подобни и неподобни граѓани во сопствената држава. Во ситуација кога 81 отсто од младите на Велес сакат да го напуштат градот и државата, сакаме да понудиме алтернатива на сигурност, на почитување. По нашата промоција на програмата со која нудиме повраток на 15 отсто од ДДВ, власта не' плукаше две недели, нашиот предлог бил невозможен, несериозен. По толку време плукање излегоа со нивно решение: наградна игра, за собрани фискални сметки. На нашата реална понуда и програма тие одговараат со нервозни реакции“, забележа Шеќеринска која посочи дека СДСМ ќе гради држава во која ќе владее законот, сите ќе се почитуваат и нема да има дискриминација.
Од ВМРО-ДПМНЕ со писмена реакција одговорија на изјавата на Шеќеринска. Истакнуваат дека кога таа и нејзината партија беа на власт, во Велес се затворени голем број фабрики и над 16 илјади велешани останаа без своите работни места.
„Да ја потсетиме Шекеринска дека во времето на СДСМ во Велес полицијата ги тепаше вработените во Порцеланка кога тие штрајкуваа и си ги бараа своите права. Раководството на СДСМ си постави свои роднини за судии и стечајни управници, за да потоа фабриките во Велес преку стечајните постапки ги добијат луѓе блиски на СДСМ. Денеска Шекеринска се враќа во Велес и кажува дека ќе се залагала за среќна, слободна и богата Македонија, но таа имаше можност и беше на власт, а зад себе остави луксуз во кои живее, а граѓаните на Велес до ден денес ги трпат штетните последици од нивното владеење“ , стои во реакцијата.
Слично
