Економија, финансии, бизнис

Контакт

Загадувањето во Скопје го вклучи алармот

Загадувањето во Скопје го вклучи алармот
Опозицијата обвинува дека власта евтино го продава здравјето на македонските граѓани, ДОМ бара институциите и граѓаните заедно да се борат со загадувањето, Тодоров пак одговорноста за загадувањето ја гледа во генерациите што поминале. И додека траат препукувањата, граѓаните се гушат во смог, а веќе пет дена нивото на загаденост на воздухот во Скопје е далеку над дозволената граница. Од СДСМ побараа да почнат да се објавуваат податоците за загаденоста во Скопје и да се открие кој загадува. Според заменик претседателската, Радмила Шекеринска, неодговорно е власта да не знае кој е одговорен за состојбата. Министерството за здравство плаќа реклами каде вели дека здравјето нема цена, вели таа, но очигледно е дека власта многу евтино, го продава здравјето на македонските граѓани. „Не може во оваа држава за секоја добра вест, власта да бара аплаузи, а за секоја лоша вест, која што значи околу 2.000 изгубени животи секоја година и огромна цена, за нашите деца, за нашите граѓани, за нашите семејства, власта да дига раменици и да вели дека никој за тоа не е одговорен. Ова претставува и крах на сите досегашни политики за таканаречениот Ден на дрво, кој што покажа дека големата урбана мафија која што владее со нашиот главен град, не ни го узурпираше само просторот, туку ни го узурпираше и воздухот и нашето здравје“, истакна Шекеринска. Од ДОМ пак бараат институциите на национално и на локално ниво со граѓаните да преземат заедничка акција против загадувањето на воздухот. „Зелените“ сметаат дека заедничката акција е неопходна, бидејќи загадувањето има многу лица: од индустриските капацитети кои не работат според еколошки стандарди, од транспортот, градежништвото, но и греењето како на колективните така и на индивидуалните објекти. Тие ја поздравија одлуката на град Скопје за мерките од прв степен,побараа повеќе инспектори, подобра координација, подобро искористување на приватните автомобили, подигање на општествената одговорност на граѓаните за тивките загадувачи... Од партијата бараат и да се доврши процесот на еколошкото приспособување на големите загадувачи, а посочија дека се сомничави кон точноста на резултатите од мерењата на загадувањето. За министерот за здравство, Никола Тодоров, одговорноста за загадувањето во Скопје е на сите генерации што поминале, но обврска било на денешните структури да го променат тоа. Најави дека идната недела треба да стигнат двата мобилни апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух.  Според него причините не треба да ги лоцираме во големите капацитети со „А“ еколошка дозвола бидејќи веќе две недели се исклучени и не работат како Макстил и Окта. Новите апарати додава тој, ќе помогнат да се истражи дали оние компании кои имаат „Б“ интегрирани дозволи се причина за загаденост.
Слично

Поврзани вести