Шеќеринска смета дека СДСМ, ако дојде на власт ќе најде начин за почеток на преговорите со ЕУ
Кога ќе дојде на власт СДСМ ќе најде начин да ја приближи Македонија кон Европа, вели во неделеното интервју за радио Слободна Европа, заменикот претседател на СДСМ Радмила Шеќеринска.
- СДСМ како власт ќе најде начин Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Прво заради тоа што во Македонија ќе ги подобриме состојбите, затоа што денеска Македонија има ровита позиција, не само заради односот во преговорите со Грција, што ѝ одговара на грчката страна, туку и заради автоголовите коишто владата ги даваше во сопствената држава. Односот кон медиумите не е само тема во Македонија, за неа зборуваат и го критикуваат практично сите европски институции од кои бараме поддршка.
И сега ќе погледнат европратеници, луѓе во Европската комисија, па и од земјите членки на ЕУ и ќе речат – чекајте, очекувате јас како европски политичар за да заложам за Македонија во спорот со Грција, а притоа ми ги одземате сите аргументи. Македонија станува позната по изградба на споменици, враќање во историјата, затворање на медиуми и новинари и гушење на слободите и тепање на пратеници во парламентот. Кој ќе ја брани Македонија со ваква лична карта? Многу малку пратеници и многу малку влијателни политичари. Тоа ќе го промениме веднаш и поправајќи ги домашните резултати ќе ја направиме Македонија и посилна во преговорите со Грција, вели Шеќеринска.
Решение за името не смее да го загрози националниот идентитет и интереси и убедени сме дека со политичка волја може да се дојде до такво решение,заменик претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска во неделното интервју на Радио Слободна Европа :
- Но, опозицијата не дава предлог. Како би смеела опозицијата да даде конкретен предлог, кога македонската опозиција е единствената во двете држави, па и во меѓународната заедница којашто е целосно екскомуницирана од преговорите. Како можете да лицитирате со предлози, кога во македонската јавност не знаeме, па и во македонското собрание, кој е последниот предлог на Нимиц.
И секое импровизирање од наша страна навистина би било нарушување на македонските позиции. Ние тоа не го правиме и не сме сакале во минатото да го правиме и сега нема да го правиме. Меѓутоа она што дефинитивно сакаме да го ставиме јасно како наша позиција број еден е дека Македонија е таа што губи со нерешавање на тој спор. Грција како што гледаме може да преживее, таа не плаќа елементарна, ни политичка, ни економска, ни социјална цена, товарот е на Македонија, вели Шеќеринска.
- Нашиот став е дека тоа треба да го измениме со многу проактивен однос, ние треба да бидеме тие што, не само што ќе бараме средби, туку и ќе нудиме решенија. Ќе создаваме притисок и во Вашингтон и во Брисел и уште повеќе во Берлин, во Лондон, во Париз, дека ние имаме предлог и дека кај нас постои интерес да се најде решение.
Сега резултатот ни е нула-нула, и нас не критикуваат и Грците ги критикуваат, но резултатот нула-нула ги носи Грците во следното финале, не ја носи Македонија. Тој и е доволен на Грција, не им треба повеќе, за жал ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партиските интереси им се многу побитни од државните интереси. Спорот со Грција за името го претворија во чадор со кој се бранат од какви било објективни критики за сè, смета вториот човек на СДСМ.
Слично
