Шеќеринска до Груевски: Со кои бизниси вашиот братучед Мијалков годишно добива по 19 милиони денари?
Анкетниот лист на директорот на ДБК, Сашо Мијалков за последната година, во однос на 2008 година, за само пет години, покажува пораст на неговото богатство од 1,1 на 2,7 милиони евра. За само пет години, овој државен функционер си го зголемил имотот за 1,6 милиони евра, посочи на денешната собраниска седница, пратеничката Радмила Шеќеринска од СДСМ. Таа, како што пренесе Телма, го повикала премиерот Никола Груевски да одговои кои се бизнисите кои на Мијалков му донеле толкаво богатство.
- Дали премиерот знае дека државен функционер пријавил 500.000 евра вредни часовници и накит и 300 илјади евра за уметнички слики? Вашиот братучед Мијалков пријавил дека зел 500.000 евра од продажба на оснивачки долг на фирми и 500 илјади евра за удели во странски фирми - праша Шеќеринска.
Таа нагласи дека во анкетниот лист од 2008 година Мијалков пријавил само еден сопственички удел во домашна фирма. Но, праша, како е можно во последниот анкетен лист тој да е сопственик на две домашни и на две странски фирми?
„Имал една, продал две, а сега има четири фирми! Како е тоа можно? Дали Мијалков ја лажел Државната антикорупцика комисија во 2008 година или сега? Кој е тој бизнис кој на вашиот државен службеник и братучед секоја година му носи 19 милиони? Најважно, дали шефот на тајната полиција е државен службеник или приватен бизнисмен кому имотот за неколку години му се дуплирал“, рече Шеќеринска.
Премиерот Никола Груевски на ова со краток одговор:
„Секој функционер има обврска да внесува податоци во анектни листови и сите тоа го имаат направено. Тоа го има сторено и Сашо Мијалков. За сите детали ќе си одговори тој, јас не можам за секој функционер да давам одговори. Знам дека до стапувањето на државната функција Мијалков бил приватен бизнисмен“.
Шеќеринска потоа реагираше дека на Мијалков е невозможно да му се постави прашање бидејќи тој никогаш не се појавил во ресорната собраниска комисија.
На прашањето каде живее Мијалков, Груевски имаше уште покус одговор: „Посочената личност ќе одговори на сите прашања, уверен сум, на свој начин, “.
Потоа Шекеринска заклучи дека и овој кус одговор на премиерот појаснува зошто Мијалков не е министер за внатрешни работи.
- Како министер ќе мораше да поднесува сметки. Вака е недоприрлив, а премиерот не знае ништо, па дури се прави и дека не знае каде живее Мијалков. Молкот на премиерот покажува дека Мијалков се грижи за имотот на премиерот. Вашиот анкетен имот нема поместувања во изминатите години, па затоа е јасно зошто другиот анкетен лист, на Мијалков, не е ист. Свесна сум дека вака директни прашања до премиерот можат да бидат ризична работа, рече на крајот Радмила Шекеринска.
Слично
