Шекеринска: Ќе видите какво злосторничко здружување направила власта на Груевски
На денешното обраќање пред граѓаните заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на трибината во Куманово им порача една работа, дека опозицијата и на овие избори и пред изборите покажала дека во Илинденска б.б се наоѓа криминална група којашто сака да ја искористи Македонија за лично богатење и за вечно владеење.
-Во двата месеца после изборите се сконцентриравме на една единствена цел. Сето тоа што го гледавме за време на избори, да го докажеме. Да покажеме како се крадат изборите, да покажеме како се крадат парите од Буџетот, да покажеме како се злоупотребуваат и институциите и медиумите, и `се, што во оваа држава, сме сметале дека е свето, рече Шекеринска.
Таа истакна дека доказите ги имаат и дека со нив сакаат да ја испратат оваа власт во историјата.
-Тоа ќе го сториме со стратешки пристап. Тоа ќе го сториме, покажувајќи на секој македонски граѓанин, какво злосторничко здружување понудила владата на Груевски. Немаме никаква дилема дека вистината е нашиот најголем сојузник. Ќе ве повикам да се сетите како се постави власта кога излегоа на виделина многу докази за нивниот криминал и однесување. Молчеа. Ги затворија сите медиуми коишто ги контролираат и не дозволуваа ниедна информација да влезе во ушите на граѓаните.
Ние сега имаме обврска да не дозволиме тоа да се случи со овие документи. Затоа ќе ве повикам сите, кога ќе почнеме да ги објавуваме овие документи - секој од вас ја има шансата да стане наш микрофон. Секој од вас ја има шансата да ја шири вистината и да покаже дека ушите на македонските граѓани не можат вечно да бидат затворени од една власт којашто контролира се, потенцира Шекеринска.
Таа порача дека документите кои ги имаат во нивни раце ќе ги срушат сите сомнежи и сите дилеми коишто некој во Македонија ги имал за македонската власт.
-Нашата борба со тоа нема да заврши, но нашата борба ќе почне со повеќе оружје, со повеќе аргументи, со повеќе примери, со кои на македонската јавност ќе и покажеме дека некој друг одлучувал во нејзино име, рече заменик претседателката на опозицијата.
