Шефовите на ЕК, ММФ и ЕЦБ ќе разговараат по телефон за предлозите на Грција
Шефовите на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка денеска ќе разговараат за последниот план за грчки реформи поднесен од Атина, во обид да се избегне финансиски колапс, соопштија извори од ЕУ.
„Ние треба да зборуваме на највисоко ниво“, изјавил неименуван извор за „АФП“. Според него конференциските повици од Жан-Клод Јункер, Кристин Лагард, Марио Драги и Јерун Деиселблум ќе започнат во 11 часот според зоната GMT.
„Четворицата ќе разговараат за грчките предлози, затоа што треба да се одржи заедничка анализа за време на средбата на министрите за финансии од еврозоната во сабота“, додал изворот.
Вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас испратил пакет предлози и реформи до кредиторите само два часа пред истекот на крајниот рок на полноќ. Друг извор појаснил дека пакетот на Ципрас „создава слобода на дејствување за да се преговара и да се избегне „Grexit“. Предлогот на Ципрас во 13 страници попушта за неколку клучни точки на кои владејачката партија и грчките гласачи жестоко се спротивставуваа. Средба на врвот на лидерите од 28-те земји од ЕУ треба да се одржи во недела.
Во меѓувреме Германија одби да коментира за предлозите на Атина, но самата изјавила дека гледа многу мала можност за прифаќање на условите за отплата на долгот. „Гледаме многу мала слобода на дејствување за реструктуирање и други слични предлози“, изјавија од германското Министерство за финансии.
