Шефицата на ММФ откри кога кризата од војната во Иран најсилно ќе удри
Војната на Блискиот Исток ќе доведе до повисока инфлација и забавување на глобалниот економски раст, предупреди директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, во изјава за Reuters пред објавата на новите прогнози за светската економија.
Конфликтот предизвика сериозен шок во глобалното снабдување со енергија, особено поради блокадата на Ормускиот теснец, преку кој се транспортира околу една петтина од светската нафта и гас. Поради тоа, милиони барели нафта останале надвор од пазарот.
Георгиева најави дека ММФ ќе ги намали прогнозите за економски раст и ќе ги зголеми очекувањата за инфлација, дури и ако конфликтот заврши брзо.
- Наместо подобрување, сите сценарија сега водат кон повисоки цени и побавен раст. Се наоѓаме во свет на зголемена неизвесност – истакна таа.
ММФ на 14 април ќе објави повеќе сценарија за движењата во глобалната економија, а се очекува војната да биде главна тема и на пролетните средби на Фондот и Светската банка во Вашингтон.
Пред кризата, ММФ прогнозираше раст на глобалната економија од 3,3 проценти во 2026 година и 3,2 проценти во 2027 година, но новите околности го менуваат тој тренд.
Според Георгиева, војната веќе ја намалила глобалната понуда на нафта за 13 проценти, а последиците се чувствуваат и во други сектори, како што се ѓубривата и хелиумот, кои се клучни за индустријата и земјоделството.
Особено загрижувачки е фактот што најсилен удар ќе претрпат сиромашните и ранливи земји кои немаат сопствени енергетски ресурси. Многу од нив немаат фискален простор да им помогнат на граѓаните да се справат со растот на цените, што го зголемува ризикот од социјални немири.
- Дури и ако војната заврши денес, негативните ефекти врз глобалната економија ќе продолжат – предупреди Георгиева.
Таа додаде дека веќе има земји кои побарале финансиска помош од ММФ, а Фондот размислува за проширување на постојните кредитни програми.
Во исто време, таа апелираше владите да избегнуваат широки енергетски субвенции, бидејќи тие можат дополнително да ја поттикнат инфлацијата.
Дополнително, штетите во енергетскиот сектор се значајни – според меѓународните извештаи, оштетени се десетици постројки, а некои земји ќе имаат потреба од години за да го обноват производството.
Иако засега нема глобална криза со храна, Георгиева предупреди дека такво сценарио е можно доколку дојде до нарушување на снабдувањето со ѓубрива, што би можело да има сериозни последици за милиони луѓе ширум светот.
Индекс.хр