Шеесет тони државна нафта одат за греење на кичевските училишта
Вкупно 60 тони нафта за греење од државните резерви ќе им бидат отстапени на кичевските училишта за да се нормализира образовниот процес во оваа општина.
Веќе петта недела таму наставата е во прекин, затоа што родителите не сакаат да ги пуштаат децата во ладни училници, а пари за греење нема.
Од отстапените 60 тони нафта, 50 тони ќе бидат наменети за греење, додека 10 за превоз на учениците. Ова количество на нафта треба да биде доволно до крајот на јануари.
Веќе од февруари општината ќе треба сама да обезбеди нафта за греење. Централната власт смета дека одговорноста за ваквата ситуација е токму во локалната самоуправа, затоа што на општината и биле префрлени парите од блок-дотациите наменети за образованието, но тие се потрошиле без да се набави нафта.
Ситуацијата беше најкритична во две училишта - „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Владимир Полежиноски“ каде наставата се изведува само на македонски јазик и каде над 1.000 ученици не посетуваат настава повеќе од еден месец. Бирото за развој на образованието мораше да подготви скратена програма за да се надомести пропуштеното во образовниот процес.
Заедно со отстапената нафта, градоначалникот Фатмир Дехари доби препорака во иднина рационално да ги планира трошоците и да не дозволи повторно криза за греење да го блокира образовниот процес. Во слична ситуација се најдоа и училишта во Струга, но таму проблемот е веќе надминат без интервенција од стоковите резерви.
Слично
