ШАРЕНИ ПРОТЕСТИ: Брисел „вага“ на антикризната состојба
Синоќа, 10 ден по ред, продолжија масовните антивладини денотрации на граѓанското движење „Протестирам“, здружената опозиција предводена од Заев во таканаречената шарена револуција, со цел барање за повлекување на „срамната аболиција за политичарите“ од страна на претседателот Иванов, одложување на вонредните избори закажани за 5 јуни и формирање на техничка влада за подготовка на слободно гласање со кое земјата би се извела од длабоката криза.
Централните антивладини протести и синоќа беа одржани во Скопје, а се протестираше и во Струмица и Киманово со пораки до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски - „Робија те чека Никола“...потоа во Велес, Битола, Охрид каде бојата на отпор во шарената револуција ги обележа тамошните општини.
Во услови на неисполнети обврски од политичкиот договор во Пржино, поврзани за фер и кредибилни избори, се бара нивно одложување. Масата на демонстранти со марш кон парламентот и владата, протестираше и пред Инфо центарот на ЕУ во Скопје, а на мета за боење од барокните објекти од проектот Скопје 2014 се најде и зградата на Агенциите за медиуми... Декорирањето со бои е проследено со скандирање „овде имаше парк“.
Во петокот пред ручек, на протест излегоа и албански партии и здруженија кои на мирен протестен марш, од страиот дел на Скопје, преку Вардар до зградата на парламентот, со знамиња на Албанија и САД, демонстрантите скандираа против владеачката колаиција на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и ДУИ Али Ахмети.
Додека Македонија тоне во изолација со се поопасно зголемување на бранот антивладини демонстрации кои се шират во земјава, од Брисел во петокот е повторено предупредување дека поради „ретроградните чекори“ на партиските лидери, политичкиот договор Пржино за излез од кризата -е пред колапс. Во тој поглед интензивно се разгледуваат можности за воведување на мерки кои би гарантирале смирување на опасната ситуација во земјава зафатена со кризата повеќе од година дена.
Претставниците на Европската унија (ЕУ) размислуваат за наметнувањето на санкции против водечки личности од Владата на Македонија и замрзнување на амбициите на земјата за членство во Унијата, зголемувајќи го значително притисокот врз владејачката елита во Скопје, пишуваат светските медиуми.
Брисел сега размислува за насочени санкции против водечки членови на владејачката партија ВМРО, вклучувајќи забрана за патувања. На средба министрите за надворешни работи на ЕУ оваа недела разговараа за додавањето на високи политички фигури кон црната листа на Шенген, иако одлуката сеуште не е донесена.
Заканата од санкции против високите владини фигури ја одразува „првата фаза“ на санкции кои ЕУ ги воведе против Виктор Јанукович, поранешниот претседател на Украина, и внатрешниот круг малку пред да се повлече од функцијата во 2014 година.
Наметнување на сличен тип санкции против лидерите на земја кандидат за член на ЕУ ќе биде преседан. Сите 28 земји од Унијата ќе треба да ги донесуваат овие мерки едногласно.
Брисел најверојатно ќе ја повлече поканата кон Македонија за учество во важни самити во јули, вклучувајќи состанок на НАТО во Варшава и на Западен Балкан во Париз, ако ситуацијата не се подобри.
Претставници на ЕУ велат дека фер избори на 5 јуни се уште се „хипотетички“ можни, но само ако амнестијата биде повлечена и бидат изготвени коректни списоци со имињата на избирачите.
Иванов го најави помилувањето на 12 април, велејќи дека специјалното обвинителство се користи за политички цели и амнестијата ќе помогне за помирување. Таа се однесува на претставници на владејачката, и на опозициската партија.
Чекорот на Иванов ги шокираше претставниците на ЕУ кои го опишаа како „директен напад против владеењето на правото“ и сериозно прекршување на договорот од минатата година. Владејачката партија изрази „длабоко разочарување“ кон активностите на претседателот неколку часови по одлуката.
