ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА ГИ ПОВИКА ПРАТЕНИЦИТЕ: Не учествувајте во работата на Собранието додека…
Граѓаните кои се дел од Шарената револуција денеска упатија отворен повик до пратениците кои ги повикаа да не учествуваат во работата на Собранието, се додека не се обезбеди правда и граѓанско учество.
Ви го пренесуваме во целост нивното обраќање:
„Почитувани пратеници во Собранието на Република Македонија,
Ви се обраќаме во името на многу граѓани кои ве гласале да ги претставувате во народниот дом, но и во името на многу други граѓани кои не ве гласале, а чии интереси сепак имате обврска да ги застапувате бидејќи општествениот поредок и претставничката демократија ви го наложуваат тоа.
Уште еднаш ве уверуваме дека граѓаните одлучија да земат активна, конструктивна и одговорна улога во актуелната политичка криза и и дека 70-дневните протести и улични дејствија изградија јасен граѓански политички и вредносен став од кој нема отстапување. Нема отстапување од правдата и нема отстапување од одлучноста да се чуе и уважи гласот на граѓаните.
Пратеници, од вас бараме да дејствувате и да им помогнете на граѓаните да ја обезбедат заштитата на Специјалното јавно обвинителство, институцијата-симбол на правдата, институцијата која вие ја изгласавте без ниту еден глас против. Бараме од вас да застанете и во одбрана на Член 2 од Уставот на Република Македонија и да им помогнете на граѓаните да се изборат за тоа дека “Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.”
Пратеници, за да покажете дека стоите во одбрана на правдата, суверенитетот на граѓаните и Уставот, од вас бараме да не учествувате во работата на Собранието се додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и се додека не се гарантира учество на претставници на граѓанскиот сектор во разговорите и преговорите за излез од политичката криза, во улога на набљудувачи, извествувачи за јавност и консултанти.
Пратеници, дејствувајте веднаш и при тоа имајте ја предвид итноста на ситуацијата, решителноста на граѓаните да не се откажуваат од своите зацртани цели, но и тоа дека во јавноста постојат јасни заложби за заштитата на СЈО и за активното учество на граѓанскиот сектор во разговорите и преговорите. Дејствувајте итно по ова барање на граѓаните и преку ваше неучество во работата на Собранието укажете им јасно на Уставниот суд и на политичките актери кои се противат на граѓанското учеството во преговорите дека не смее да има компромиси околу правдата и околу демократската определба на Република Македонија.
Погледнете ја бојата врз зградата на Собранието на Република Македонија, тоа е порака и повик до вас да се одважите и да дејствувате одговорно или ако веќе сте на страната на правдата да продолжите да се борите за неа уште посилно.
Во исто време, ве потсетуваме и вам и целокупната јавност на останатите наши барања:
- Целосно запирање на прогонот врз демонстрантите;
- Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори;
- Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
- Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија;
- Оставка на Ѓорѓе Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
Нема правда, нема мир!“, стои во повикот на шарените револуционери
