ШАНСА ЗА НЕВРАБОТЕНИТЕ: Од утре почнува пријавувањето за поддршка за мали бизниси
Околу 400 невработени лица можат да добијат грант од 3.000 евра за отпочнување на сопствен бизнис. Огласот ќе биде објавен утре и на него можат да се пријават сите регистрирани во Агенцијата за вработување, а средствата се неповратни, појасни министерот за труд и социјала Диме Спасов.
„Ги повикувам сите невработени лица кои имаа бизнис идеја да ја искористат оваа шанса и да аплицираат. Ова е одлична можност да добијат поддршка и да се самовработат, да развијат сопствен бизнис кој ќе придонесе и во развојот на македонската економија и во отворање нови работни места“, рече тој.
Покрај грантот од 3.000 евра во форма на опрема и репроматеријали, учесниците во програмата за самовработување добиваат и низа други придобивки кои, како што потенцира, треба да им помогнат да станат успешни претприемачи, како што е обука за претприемништво, експертска поддршка за развивање на својата бизнис идеја во одржлив бизнис план и советодавна поддршка при регистрацијата на бизнисот.
Најдобро оценетите 50 бизнис планови ќе имаат можност да добијат грант со дополнителни 1.500 евра за едно дополнително вработување во новоформираната фирма.
Слично
