Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шангајската листа „престрога” за приватните универзитети?

Шангајската листа „престрога” за приватните универзитети?
Второто национално рангирање на дваесет домашни  универзитети и високи школи,  што го направи  Центарот за светска класа на Шангајскиот “Џио Тонг”  Универзитет од Кина, по барање  од Министерството за образование,   предизвика реакции  кај дел од рангираните .  Дел од нив не сакаат да го коментираат , но дел пак велат дека поради доминантните први места на државните универзитети  кои го предводат врвот на листата, во иднина  овие  резултати можеби  ќе се користат  како главен аргумент од страна на државата,  за  да ги мотивира студентите да се запишуваат  на државни образовни установи, за сметка на приватните,  кои сега земаат значителен процент од студентската популација. На овој начин ги ставаат во нерамноправна положба сите универзитети и високи школи,  кои се борат  на интелектуално поле. Доколку идните студенти се одлучат да и веруваат на ваквата листа, велат дел од засегнатите, во голем дел ќе се намали бројот на студенти на приватните универзитети, кои и онака бележат  пад во уписите  поради дисперзираните студии и релативно поевтиното студирање на државните универзитети. Токму затоа  според нив, симптоматично е што дури  4 од најдобро пласираните 5 универзитети се државни.  Социјалниот сервис и истражувањето кои се дел од критериумите и параметри во бодирањето,  им даваат предност токму на државните универзитети, а од друга страна дел од приватните универзитети постојат само неколку години,  што не им остава поголем временски простор за доволна реализација на овие полиња. Од УКИМ не ја кријат радоста и задоволството што втор пат на националното рангирање се на врвот на листата. Од таму велат дека оваа академска  година ја започнале со подготовки за следната надворешна евалуација која ќе се спроведе во 2015 година, што ги прави  познат и респектиран член во европското семејство на универзитетите, а студентите  барани на европскиот пазар на трудот. Според ректорот на скопскиот универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Велимир Стојковски,  повторното рангирање како најдобар универзитет во Република Македонија, значи дека УКИМ успешно одговара и се справува сопредизвиците кои ги наметнуваат новите трендови во европските образовниполитики. Ова вели Стојковски,  е признание   за сите наставници, декани, сенатори, вработени, и за студентите кои се централен субјект во образовниот процес. “ Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се издвојува од останатите универзитети, по тоа што како функционално интегриран универзитет максимално ги искористува своите кадровски и материјални ресурси во научно-истражувачката дејност. Инвестициите на Владата на Република Македонија преку опремување на Универзитетот со најсовремени лаборатории, вложувањата на Универзитетот и финансиската поддршка на научно-истражувачката дејност преку годишна програма на Сенатот, проектите од странските фондови и високата компетентност на нашиот кадар, резултираа во изминатиот тригодишен период, кој беше предмет на оценување, со 2943 објавени трудови во еминентни странски научни часописи, 839 индексирани трудови, 530 книги и патенти” -вели ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски. Покрај националната евалуација и рангирање,додава, дека  УКИМ е единствен универзитет кој има и две последователни надворешни евалуации од Брисел и кој е оценет со највисоки оценки и епитетот „вистински европски универзитет“. “Евро-Балкан”  : трансформирањето  не однесе најдоле на листата! Од Универзитетот “Евро-Балкан” во Скопје,  кој беше рангиран  на последното место, реагираат дека ова лошо бодирање се должи на фактот што Универзитетот  не можел реално да биде рангиран,  бидејќи согласно параметрите на Шангајскиот Универзитет, рангирањето се однесувало  за дејноста во академската 2011/12 година, кога  Евро-Балкан како Универзитет сеуште не бил формиран, туку функционирал како Институт за општествени и хуманистички истражувања. “Универзитетот беше формиран и акредитиран во 2012 година преку трансформирањето на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ во Универзитет „Евро-Балкан“. Оттаму, рангирањето на Шангајската листа всушност се однесува на дејноста на Институтот, а не на Универзитетот,  со оглед  дека Универзитетот беше формиран во 2012, кога академската 2011/12 беше завршена” -велат од Управниот одбор на Универзитетот “Евро-Балкан”. Од таму додаваат дека дека тие се најмлад Универзитет, а истовремено и најстар приватен научно-истражувачки Институт во Република Македонија и  имаат  склучено билатерални договори со светски реномирани Универзитети кои се рангирани меѓу 150-те Универзитети на Шангајската листа. ФОН: Трка по интернационална наместо локална димензија! Од првиот приватен Универзитет Фон,  кои на првото национално рангирање завршија на 11-тото  место, оваа година се најдоа за три места погоре на листата, или на осмата позиција. Сепак, од таму велат дека се посветени на интернационалната,  наместо локалната димензија која е прикажана во рангирањата. Од академската 2014/2015 година стартуваат  со регионален проект за студии по градежништво и заеднички последипломски студии на англиски јазик со Политехнико Милано , во областа на архитектурата и дизајнот. “Универзитетот  согласно десетгодишниот план за меѓународен развој,  како и Лисабонската агенда, интензивно работи на интернационализација на своите програми и отварање на своите врати за студенти пред се од Европскиот континент, преку Еразмус чартерот на ЕК и билатералните соработки со Меѓународната Универзитетска Асоцијација каде што сме членки”- велат од  ФОН. Националното рангирање на Шангајската листа  за  македонските универзитети и високи школи  се врши на секои две години. Според надлежните,  истото треба да обезбеди  зголемување на конкурентноста и  подобрување на квалитетот на високообразовните институции. Но и покрај ова,  ниту еден од домашните универзитети досега не успеал да се најде меѓу првите 500 светски универзитети на шангајската листа. С.Б.
Слично

Поврзани вести