Економија, финансии, бизнис

Контакт

Шацимаркакис ги реализираше заканите – побара одземање на кандидатскиот статус за Македонија

Шацимаркакис ги реализираше заканите – побара одземање на кандидатскиот статус за Македонија
Германскиот европратеник со грчко потекло Јоргос Шацимаркакис пред 20-тина дена најави, а сега и ги реализираше заканите - испрати писмо до претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц со барање на Македонија да и се поништи кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Шацимаркакис овојпат се кандидира европратеник во Грција, а не во Германија, а гласовите на грчките избирачи меѓудругото се обидува да ги освои и со радикална позиција кон Македонија. Во писмото до Шулц, Шацимаркакис сугерира дека ЕУ треба да ја смени политиката кон Македонија со повлекување на статусот земја- кандидат за членство во ЕУ. Според него, Груевски наместо да и помогне на земјата да напредува, тој ја враќа назад, нема слобода на изразување, има проблеми со соседите, но и со етничките зедници во земјата. Тој пишува и за „проблемите кои постојат во односите ЕУ-ФИРОМ, а кои резултирале со откажување на половина од предвидените состаноци на комисијата“. „Скопје има напредок на техничко ниво, но не и на политичко. Во Грција, знаеме какви навреди добивме во однос на културното наследство, но истото го започнаа и со друга соседна земја, со Бугарија, а неодамна почнаа да ги навредуваат и Албанците. И сега кога Груевски повторно ги доби изборите, сметам дека треба ние како Европска унија да ја промениме нашата политика“, изјавил Шацимаркакис за радиото Реал фм, по писмото испратено до Шулц. Тој во писмото го анализира и проектот „Скопје 2014“, кој според него е обид за одново пишување на историјата на националистички начин. Една од главните причини зошто европратеникот смета дека треба да и се одземе кандидатскиот статус на Македонија е и инцидентот во Собранието од 24 декември 2012 година, за кој било потребно ЕУ да заземе построга позиција. „Сметам дека треба да се испрати една силна порака до премиерот Груевски и такво нешто би можело да се постигне со повлекување на статусот земја- кандидат за членство во ЕУ и да започне процесот од почеток, кога и земјата и ЕУ ќе бидат подготвени“, пишува Шацимаркакис до Шулц. Европратеникот Шацимаркакис како претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ на состанок во Скопје зборуваше на македонски јазик, на што наиде на остри критики во грчката јавност. Во Грција тој се правдаше дека потегот не значел признавање на македонскиот јазик. Минатата година во Германија се соочи со обвинување за препишан докторат, по што одлучи политичката кариера да ја продолжи во Грција.
Слично

Поврзани вести