Северот ги затвора границите за мигранти, во Македонија ќе се градат модерни прифатни центри?
Уште поодамна невладините организаци побараа изградба на модерни прифатни центри за мигрантите во Македонија. Ова доаѓа во време кога некои земји најавуваат затворање на границите за мигрантите. Прва беше Унгарија, вчера имаше таква непотврдена вест и за Србија.
Околу 1000 мигранти дневно поминуваат низ земјава, а засега нема ниту еден прифатен центар за оние кои ќе побараат азил. Под притисок на јавноста и меѓународната заедница беше испразнет центарот за мигранти во Гази Баба кој според невладините организации ни оддалеку не ги задоволуваше условите за прифаќање и безбедност на овие лица. Според надлежните во план за реализација се уште два привремени центри, во Гевгелија и Табановце, за неколкучасовно згрижување на оние кои чекаат на документот за намера за азил, но според невладините на терен, за соодветно справување со бранот на бегалци се потребни повеќе центри кои ќе бидат по терк на европските.
“Сметаме дека штом Европската Унија ќе донира за изградба на истите, треба да ги направи по теркот на своите, а со капацитет за неколку илјади лица, со свои постојани амбуланти кои треба да работат по 3 смени, со обезбедување, со психолошки советувалишта на повеќе јазици од говорните подрачја на мигрантите и со пристап за делување на сите заинтересирани НВО кои се занимаваат со згрижување и советување на мигрантите. Официјално нема повеќе мигранти во Гази Баба. Сега се реновира и најверојатно ќе служи за други цели, додека за мигрантите ќе се гради друг објект кој ќе исполнува повеќе услови. Во Визбегово има една зграда со не повеќе од 20 лица во затворениот дел. Тој беше испостава на Гази Баба како место за семејства со похумани услови. Отворениот дел е наменет за барателите на азил, кои со тој статус имаат право на движење низ земјава, обезбедено храна и сместување, но по доаѓањето од Гази Баба, тие не се задржуваат повеќе од неколку дена и продолжуваат понатаму со транзитот”-велат од невладината Легис.
Измените на законот за азил, според невладиниот сектор го смени имиџот на земјава од црна дупка за мигрантите во земја која се грижи за нив, за разлика од другите соседи. Но сепак, велат спроведувањето на законските измени на терен, неможе со сигурност да ја потврди точната бројка на мигранти кои стигнуваат или излегуваат од земјава. Иако најголемиот дел од нив сакаат што побрзо да го завршат транзитот низ земјава, сеуште нема точен регистар по кој се водат, дел од нив се без документи, а дел пак земаат и по неколку потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил со кои би го продолжиле престојот од предвидените 72 часа за транзит низ земјава.
“Овој закон се базира на оној во Србија и искуствата се слични. Мигрантите ретко остануваат во државава. Тие брзаат да поминат пред изградбата на ѕидот во Унгарија. Околу 1000 мигранти секојдневно транзитираат низ државава. На сите нив, заедно со волонтерите од социјалните мрежи, FB групата Help Migrants in Macedonia, здруженијата Легис, Нун, Солидарност, Хера, Мерхамет, Влазниа и други, им обезбедуваме храна, облека и медицинска помош на железничките станици во Гевгелија и Табановце.Сиот напор е благодарение на донациите на нашите граѓани, за кои што сум многу благодарен, а благодарни се и мигрантите кои по доаѓањето во Европа ни пишуваат пораки за благодарност”-велат од Легис.
Досега МВР има издадено околу 13 000 потврди на мигранти меѓу кои сеуште најбројни се оние од Сирија, Авганистан, Ирак, Пакистан. Според евидентираните околу 2000 се деца, а 92 од нив патуваат без родители. Од започнувањето на издавањето на потврдите до Одделението за азил се поднесени 32 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, 23 барања се од државјани на Сирија за азил, од нив шест за деца, три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко и Алжир и по едно барање од државјани од Египет и Ирак.
Невладините организации велат дека состојбата на терен мора сериозно да се менаџира од надлежните институции, бидејќи таа лесно може да премине во бегалска криза која дополнително може да ја усложни изградбата на заштитниот ѕид во Унгарија на границата со Србија, чија цел е да ги спречи мигрантите да влегуваат на територија на Европската унија. Унгарскиот парламент ја одобри оваа мерка минатата недела и даде зелено светло за сопирање на бранот, во кој досега околу 78 илјади мигранти од почетоков на годинава успеале нелегално преку Србија да влезат во Украина.
С.Б.
Слично
